Одложен изборот на нов претседател на Судски – недостасувал еден член или не обезбедиле мнозинство?

by fokus

По два часа доцнење на седницата на Судскиот совет на која што требаше да биде избран нов претседател на Советот, откако вчера на контроверзен начин беше разрешена претседателката, Весна Дамева, потпретседателот Селим Адеми соопшти дека сепак го одложува изборот на нов претседател.

Образложението на Адеми беше дека членовите на Советот се согласиле дека кога се прави избор на нов претседател на Советот треба да бидат присутни сите членови на советот.

Денеска не присуствуваше Мирјана Радевска Стефкова, но таа не беше присутна ниту на вчерашната седница, а тоа не го спречи Адеми заедно со уште шестмина членови да ја разреши Дамева.

Претседателското место денеска остана празно, Дамева седна на местото на членовите, но веднаш побара збор. Според неа, седницата се одложува бидејќи дел од членовите не успеале да соберат мнозинство за избор на нов претседател.

Таа кажа дека два часа биле доволни да се обезбеди мнозинство, па во наредниите два дена, до 2 мај, за кога е закажана седницата ќе се обезбедува мнозинство.

– Очекував дека ќе имате мнозинство, рече Дамева која имала информации дека се планира незаконското разрешување да се легализира преку Уставен.

– Како потпретседател требаше да не заштитите од сите можни влијанија, притисоци и закани, му рече Дамева на Адеми.

Според неа, ако секој судија нема изградено став досега тие како тело не се на ниво на задачата.

Адеми и рече дека дека и вчера и денеска Дамева многу зборува во наводници и ја повика и нејзе и другите членови да кажат дали тој лично им вршел притисок на некого.

На прашање зошто доцнеше седницата дека се слушале караници, Адеми кажа дека денеска баш бил мирен колегиумот и дека не се точни информациите дека имало кавги.

Тој не коментираше дали процедурата била законска или незаконска и дека има институции кои ќе го ценат тоа, но не кажа кои.

Седницата беше одложена со осум гласа за и четири против, односно со еден глас повеќе од вчерашното гласање. За одложување беше Мери Радеска, која вчера беше против разрешувањето на Дамева, но беше за одложување поради вчерашната тензична седница.

Против одложување на седницата беа, Дамева, Тања Ичиева Чачарова, Ивица Николовски и Зоран Герасимовски.

Сите овие вчера беа против разрешувањето на Дамева.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости