Владеењето на правото треба да биде врвен приоритет и владеењето на правото треба да важи за секого“, порача претседателот на Владата Димитар Ковачевски во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Во врска со прашањето за притисоци врз судството и обвинителството, Ковачевски рече дека во државата има поделена власт – извршна, законодавна и судска власт. Иако извршната власт како потранспарентна и подостапна е власт која е почесто под рефлекторите на јавноста и која од граѓаните е идентификувана како одговорна за сѐ, сепак прашањата за различните проблеми со кои се среќава судството треба да се адресираат на вистинското место како што посочи премиерот Ковачевски.
„Јас не можам да знам какви се постапките во Судскиот совет. Како што видов таму имаше членови кои даваат оставки, членови кои го напуштаа Судскиот совет со различни изјави. Јас можам да ве уверам дека судската власт во државата е поставена независно. Секогаш повторувам дека никогаш не можете да генерализирате за одредена институционална поставеност каква е. Секогаш одговорноста има име и презиме. За сè треба да има одговорност“, посочи премиерот Ковачевски, додавајќи дека членовите на Судскиот совет, се избрани во Собрание, а не од политичка партија.
Според Ковачевски, кога ќе биде избран некој на одредена функција тој треба да работи согласно закон и согласно одговорностите и обврски кои ги има со целосен интегритет.
„Не сакам да генерализирам на институционално ниво дали е нешто комплетно добро или комплетно лошо. Ние имаме и квалитетни судии и квалитетни обвинители зошто во секоја бранша има квалитетни, помалку квалитетни и некои кои не ја извршуваат својата работа“, изјави Ковачевски.