Поминаа повеќе од три години, откако добив нов живот. Големиот пресврт ми се случи на клиника во Истанбул, Турција, кога заминав на хируршка интервенција за кратење на желудник. Ниту еден момент не зажалив, и можам да кажам дека тоа беше една од најдобрите одлуки кои сум ги донел- за ,,Фокус” раскажува Сашко Митовски (35), градоначалникот на Крива Паланка.
Вели дека отворено зборува за проблемот со вишокот килограми, со кои се борел со години. Достигнал тежина од над 160 килограми, се измачувал со разни диети, потрошил многу пари за секакви методи за слабеење, но му се случувало да намали околу пет килограми, па потоа да додаде уште десет.
-Се вртев во круг со години! Вишокот на килограми е голем проблем и тоа добро го знаат сите кои се соочуваат со една таква состојба во животот. За здравствените проблеми кои доаѓаат со прекумерната тежина, нема потреба да се појаснува. Се ефектира секојдневното нормално функционирање, и дојдов до точка кога решив дека е доста.
Интервенцијата во Турција ја видов како одлична шанса за нов почеток. И кажав единствено на мојата сопруга што планирам да направам, никој друг не знаеше. Ниту децата, ниту блиските. Се спакував и тргнав – појаснува градоначалникот.
За клиниката во Турција има само пофални зборови. Раскажува дека целата хируршка процедура на кратење на желудникот траела околу 20 минути, и се поминало во најдобар ред.
-Немав никакви болки, два дена поминав на клиника, потоа од таму не шетаа низ градот, бевме како туристи. Без компликации, со лесно, зачекорив кон новиот живот. Морав да направам промени во исхраната, но ништо не ми беше тешко. Кога гледав како килограмите се топат, јасно ми беше дека сум на правиот пат и решив никогаш да не скршнам од него. На самиот почеток, тоа беше буквално топење на килограми, потоа со тек на време се помалку се намалува на тежина.
Успеав да дојдам до околу 80 килограми, и никогаш не сум се чувствувал подобро, здраво, енергично… Интервенцијата ме чинеше 4.000 евра, и тоа ми се најдобро вложените пари – вели Митовски.
Тој е татко на три деца, кои се на возраст од 12 години, и 10-годишни близнаци. Промената во физичкиот изглед му донела многу придобивки на секое поле, уживал во активностите со децата, се чувствувал како друга личност.
Време за спортување открива дека немал, покрај сите работни ангажмани, но со умерена исхрана се трудел да си ја одржи идеалната тежина.
-Мислев дека ќе имам проблем со вишок на кожа, но нема такво нешто. Од таа страна се е во ред, ми преостанува само да продолжам со исто темпо, да внимавам на исхраната, што по интервенцијата воопшто не ми е тешко.
Прекумерната тежина е голем проблем кој не смее да биде табу, треба отворено да се разговара, да се споделат искуства, со цел да им се помогне на оние кои се соочуваат со истиот. Токму поради тоа, јас сум достапен за темава, за сите оние кои сакаат да дознаат повеќе детали, кои можеби планираат да се подложат на истата интервенција. За мене, како што кажав, одлуката за кратење на желудник беше судбинска и ми донесе еден нов, поквалитетен живот – ни раскажа градоначалникот.
Вики Клинчарова