На денешната јавна расправа за случајот „Ровер“, во Апелациониот суд, не присуствуваше обвинетиот Љубе Бошкоски, кој на овој начин сака да покаже дека не го признава судскиот систем. На расправата, адвокатите и обвинетите, побараа второстепениот суд да ја укине пресудата на Основниот суд Скопје 1, според која тројцата првообвинети за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, од 2001 година, Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ беше осуден на 15 години затвор, Бошкоски доби казна затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.
Одбраната побара од Апелациониот суд да донесе ослободнителна пресуда или случајот да го врати на повторно судење, бидејќи пресудата ја оценија како нејасна, контрадикторна и без докази. Доколку Апелација одлучи да го врати случајот, тој ќе влезе во Кривичниот суд по трет пат, бидејќи Апелација веќе еднаш ја укина пресудата, поради низа правни пропусти. Во тој случај судењето ќе се врши пред нов изменет судски совет. До носењето на одлуката, адвокатите побараа за обвинетите да биде укината мерката притвор, бидејќе точно три години се држат зад решетки.
-Па тие веќе ја издржаа казната, без да бидат правосилно осудени. Бараме веднаш да бидат пуштени да се бранат од слобода, не само од правен, туку и од човечки аспект, истакна адвокатот Димитар Савовски.
Неговиот колега Константин Кратовалиев повтори дека како и првата пресуда, така и втората, не ја докажува вината на обвинетите, и затоа треба да се укине.
-Прво не постојат докази дека обвинетите извршители на убиството влегле и престојувале во Македонија. Потоа не е најдено возилото со кое наводно се превезувале. Една од поголемите нелогичности, пак, е тоа што тројца се осудени за убиство, а факт е дека само двајца пукале. Заначи имаме еден неправилно осуден. Потоа, како доказ има само еден пиштол, кој одговара само со калибарот, бидејќи и рачката и цевката му биле заменети, а нема ниту сериски број, истакна Кратовалиев.
Тој додаде и дека кривичното дело што му се става на Бошкоски на товар не постои во правната пракса.
-Според обвинителството, а и првостепениот суд, Орце Коруновски е потикнувач на убиството, а не извршител, а Љубе пак е помагач, ама не на извршителот, туку не потикнувачот. Не постои кривично дело помагач на поттикнувачот на убиството! Исто така правото не познава ниту психолошко помагање, за какво што е осуден Бошкоски, бидејќи тоа се врши на начин што помагачот е во постојана близина на извршителот, а не да помага од далечина, истакна Кратовалиев.
Адвокатот Савовски му укажа на судот дека доколку ја потврдат оваа пресуда самите ќе признаат дека погрешиле првиот пат кога ја вратиле назад, бидејќи таа воопшто не се разликувала од првата. На повторениот процес не беше изведен ниту еден нов доказ, а не беше повикан ниту еден нов сведок.
Неговиот колега Љупчо Веселиновски, пак, истакна како е можно, судот без ниту еден нов доказ, во втората пресуда да тврди дека неговиот клиент инспекторот Зоран Трајковски, бил на местото на убиството, кога во првата пресуда тврдеше дека стигнал по 20 минути. Адвокатот Љупчо Ивавовски посочи дека неговиот клиент Митревски е осуден дека наводно шетал со автомобил со Коруновски и ги бришел трагите од убиството, а нема ниту еден сведок или доказ да го потврди таквото сценарио.
Покрај адвокатите на јавната расправа се обратија и обвинетите, кои побараа да им се укине мерката притвор.
-За да се надоврзам на актуелните случувања, ќе истакнам дека пресудата ја сметам за креирана, монтирана и лепена. Нема ниту едно сведочење или доказ дека сум забранил да се изготви службена белешка за настанот, ама тоа не беше пречка да ме осудат. За 40 дена ни почнува четвртата година во притвор, истакна обвинетиот Трајковски.
Неговиот колега Никола Негриески прв пат ја искорист шансата да се обрати пред судот.
-Досега само молчев и слушав. Веќе не можам да молчам. Виновен е оној кој не ја извршува задачата од претпоставениот, а јас тој ден постапував по упатство. Во мојата 30 годишна кариера во МВР, сум обработувал на 3.000 предмети, па според логиката на судот што ме осуди тоа значи дека требало толку пати да бидам изведен пред суд, истакна Негриевски.
Сега Апелациониот суд треба да донесе одлука, односно да ја укине пресудата и да донесе ослободителна, да ја потврди или случајот да го врати на повторно одлучување, а дотогаш се очекува да се изјасни за барањето за укинување на мерката притвор.