Одбраната на Мијалков ја поздрави одлуката на Апелација: Претседателот и министрите не носат судски одлуки

by Фокус

Одбраната на Сашо Мијалков денеска преку соопштение ја поздрави одлуката на Апелациониот суд во Скопје затоа што, според нив, таа е законита и праведна, заснована на доказите и фактите кои се наведени во жалбата поднесена против првостепената пресуда.

„Во текот на целата главна расправа одбраната укажуваше на бројните повреди на законот. Повреди кои доведоа до неоснована и правно неиздржана пресуда. Наместо да одговори на сите отворени прашања околу незаконското следење на комуникации, Основниот суд без аргументи и докази донесе осудителна пресуда против нашиот клиент. Пресуда за која беше јасно дека нема да ја издржи проверката во повисокиот суд“, велат од одбраната на Мијалков.

Актуелните политички напади врз судскиот совет во Апелациониот суд во Скопје кој одлучуваше по поднесените жалби за предметот, додаваат од таму, се неприфатливи и заслужуваат најсериозна осуда.

„Одбраната се уште ја нема добиено пресудата на Апелациониот суд во Скопје и се уште не ги знае аргументите и насоките на второстепениот суд. Знае само дека се изразува „загриженост“ или „згрозување“ од највисоки државни функционери од извршната власт. Тоа е директно мешање и вршење притисок врз судската власт која мора да биде независна“, вели одбраната на Мијалков.

За ваквите притисоци и мешање во судската власт, тие ќе го информираат Судот за човекови права во Стразбур бидејќи ценат дека со тоа се нарушуваат правата на нивниот клиент за фер и правично судење.

„Ниту Претседателот на државата, ниту министрите во владата не се тие кои треба да носат судски одлуки. Тоа право им припаѓа исклучиво на оние кои дале заклетва дека ќе делат правда и биле избрани за тоа, а се останато е недозволено мешање кое го урива интегритетот на судството кој заради политичките влијанија е сериозно разнишан“, велат од таму.

Поврзани новости