Oдбраната на Јордан Камчев реагира на изнесените тврдења на првиот човек на АНБ, Виктор Димовски кој тврди дека бил чист случајот на „службената белешка“.
„Честитајќи го двегодишното постоење на Агенцијата за национална безбедност се надеваме дека истата во иднина во целост професионално ќе ги извршува своите надлежности, а нема да ја злоупотребува тајната служба за флагрантни злоупотреби и директно кршење на основните човекови права и слободи за што сведочиме во случајот со г-динот Јордан Камчев.
Според брифингот на кој се тврди дека е чист случајот на „службената белешка“, дали АНБ велејќи дека постапува по своите три основни надлежности 1) спротивставување на разузнавачки активности на други држави на територијата на Северна Македонија; 2) спротивставување на тероризам и насилен екстремизам во земјава; 3) собирање релевантни информации за евентуално загрозување на виталните економски интереси на државава, потврдува дека г-динот Јордан Камчев бил цел на обработка поради тоа што претставувал опасност за националната безбедност или можеби бил осомничен за тероризам?
Ако бил чист случајот зошто „службената белешка“ не беше презентирана на ниеден од адвокатите од одбраната на г-динот Јордан Камчев кои според законот на АНБ поседуваа и презентираа безбедносни сертификати што им даваат целосно право да имаат увид во овој тип на „службени белешки“?
Наместо тоа, киднапираа бизнисмен врз база на усни информации, нашкртани на „службена белешка“ потпишана од страна на директорот.
Ако немала забелешка Собраниската комисија на работењето на АНБ во овој дел, зошто и самата Собраниска комисија го премолче записникот од Седницата и заклучоците од истата? Дали и пратениците потклекнаа на методите на тајната служба?
Ако беше толку чист случајот со „службената белешка“ како што се тврди, зошто судиите кои ја оценуваа и продолжуваа мерката притвор ја тргнаа оваа „службена белешка“ како основ за продолжување на мерката притвор откако на социјалните мрежи протече содржината на фамозната ,,службена белешка’’?
Наместо Агенцијата за национална безбедност да брка според неа т.н „кртови“ кои ја обелодениле оваа „службена белешка“ ( што веројатно не им оди во прилог поради неиздржаноста и тенденденциозната провидност на нејзината содржина) нека дадат образложение и одговор за овој скандал врз основ на кој г-динот Јордан Камчев веќе шест месеци е киднапиран и држен во притвор“, вели неговата одбрана.