Одборот за акредитација на високото образование на денешната седница донесе Одлука за поништување на акредитацијата на проектот за основање на Факултет за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународниот Универзитет во Струга.
-Со оваа Одлука на Одборот за акредитација на високото образование се поништуваат и сите други правни дејства во врска со почеток со работа на Факултетот за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународниот Универзитет во Струга, соопштија од Одборот за акредитација на високото образование.
Пред неколку дена медиумите објавија дека Меѓународниот универзитет во Струга, зад кој стои струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, добива нова образовна гранка, Факултет за здравствени науки. Вакво решение донел министерот за образование и наука во заминување Јетон Шаќири, кој по потекло е од Струга и е сопартиец со Мерко во ДУИ.
Мерко од лани на 20 јуни, е на црната листа на Стејт департментот поради вмешаност во корупција.