Центарот за истражувачко новинарство Скуп Македонија преку документарниот филм за имотната состојба на лидерите на четирите најголеми партии го преставува богатството на Груевски, Ахмети, Заев и Тачи. Колку имот имаат и дали го пријавиле? Дали Македонија е земја на богати лидери? Зошто никој не сака јавно да зборува за сопственото богатство?
Документарниот филм на Скуп Македонија е дел од серијалот документарци Одблизу и открива дали политиката била добитната комбинација на лидерите. Податоците зборуваат дека Груевски станал побогат за седум пати откако е на власт. Заев, според пријавениот имот, е најбогат. Тачи е единствениот кој во Катастарот на недвижности е запишан со осум имотни листови и има куќа од 1 000 квадрати. Ахмети осиромашил, но сепак е милионер.
Соговорниците во филмот, поранешни антикорупционери и соработници на лидерите, се присетуваат дека некои од лидерите влегле во политиката како голтари или со по 100 евра во џебот, а сега, кога се во врвот, поседуваат многу, и имот и пари. Но, дали само пријавеното е тоа што го поседуваат? Дали имаат начин како да сокријат имот? Дали тоа значи дека се перат пари?
Одговорите на сите прашања поврзани со богатството на Груевски, Ахмети, Заев и Тачи се во третиот документарен филм Одблизу.