Одбиени повеќе проекти на Филиповски, културните работници прашуваат што точно значи „Национален интерес“

by Fokus

Хроничарот на македонската популарна музика и музички новинар Тошо Филиповски откри кои проекти му биле одбиени годинава на конкурсот на Министерството за култура за финансирање на проекти од национален интерес во културата.

Исто така, отворено прашува дали тој и сличните ентузијасти како него, кои кои живеат од и за културата и кои сакаат и даваат свој белег на културниот живот живот во Македонија со децении треба да си заминат од државата или да престанат да создаваат, забележуваат, архивираат и објавуваат.

-МОНОГРАФИЈА: ГОТРА (Горан Трајкоски) – 45 години творештво / ОДБИЕНО – Не е од Национален интерес. ИЗЛОЖБА: 60 години рок музика во Македонија – Ретроспектива низ неколку илјади артефакти / ОДБИЕНО – Не е од Национален интерес. ГРАМОФОНСКА ПЛОЧА: Двоен албум, “History of Macedonian Rock’roll – Macedonian punk/hc 1979-1994 (необјавени снимки на 50-ина македонски бендови) / ОДБИЕНО – Не е од Национален интерес. ПРЕДАВАЊЕ: Серија на предавања за Историја на Македонската Рок Музика (1963-2023), во Њујорк, Чикаго, Детроит, Атланта / САД / пред македонските иселеници (нивните млади поколенија) / (побарана само авионска карта до САД) / ОДБИЕНО – Не е од Национален интерес. Ете го мојов биланс од овогодишниот конкурс на Министерството за (Не)култура. И да бидам искрен, не е дека очекував поинаков епилог од министерката и комисијата која одлучувала. Па и лани беше исто, и за мене и за целата (музичка) независна културна сцена- пишува Филиповски на социјалните мрежи.

Понатаму, додава дека комисиите кои одлучуваат кој ќе добие финансиска поддршка од министерството се составени од луѓе вработени во национални институции кои немаат речиси никаков допир со реалната слика за урбаната култура во земјава.

-Веројатно такви и толку им се познавањата за современата урбана култура, за музичката историја, за националната самосвест, за потребата од сочувување на музичкото културно богатство, за едукацијата на младите генерации. Наивно мислев дека минатата година згазнавме на дното ама изгледа можело и подолу, со тенденција уште повеќе да се понижи се што е вистински репрезент на она што исто така мора да се подразбира под – Националниот интерес во културата во Македонија – урбаната (рок, џез, блуз, панк, хеви метал, електронска, амбиент, ло-фи, дарк, хип-хоп, итн… музика). За жал, и понатаму ќе бидеме маргинализирани, отфрлени, игнорирани…се додека оваа министерка е на позицијата која ја има и се додека комисиите што ги составува се исклучиво од луѓе кои се вработени во национални институции кои и немаат безмалку никаков непосреден допир со реалната слика за урбаната култура во Македонија. И понатаму, се додека таа го раководи ова министерство ,,тезгите” ќе бидат Национален интерес, доминантен според она што се чита во резултатите-порача хроничарот.

Неговите јавни објави на темата предизвикаа голем број на реакции. Па така, музичарот Петар Младеновски од Суперхикс предлага да се направи ТВ дебата на тема што е всушност ,,Национален интерес” како критериум за одобрување на проектите на годишните конкурси при Министерството за култура.

-Секоја чест на сите чесно поставени и одобрени проекти ама не можам да не забележам и на десетици небулозни проекти со крајно нејасен концепт и наслови(содржини). Еве за мене на пример Тошо Филиповски за мене е современиот македонски рокенрол Цепенков и не треба воопшто да се дискутира или испитува што се’ направил во доменот на архивирање, документирање, колекциите, на македонскиот рнр, а па и за поддршката на младата сцена да не отвораме тема. Одбиен е за речиси сите важни проекти од национален интерес. Кои се националните приоритети на Министерството, допрва ќе треба да објаснуваат. Јас меѓу проекти од типот (ако не се лажам) ,,public Karaoke” или соло ,,рецитали” од 300, 400.000 денари, на сметка на вакви одбиени проекти – ништо национално не гледам! Интерес-секако! Срамно! Тонеме во секој поглед, а дното не се гледа – напиша Младеновски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости