Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од судијата во Основниот кривичен суд Скопје Ненад Савески, за начинот на кој беше избрана директорката на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), Ирена Трајкоска-Стрезоски, објави 360 степени.
Одлуката, како што рече судијката во Управниот суд, Ана Герасимовска, е донесена врз основа на спроведената доказна постапка и по советување и гласање.
Исто така, судот го одби како неоснован и предлогот со кој Савесвки бараше привремена мерка – суспендирање на одлуката за избор на директорка.
Не сакајќи директно да влијае на постапката, во име на Судијата Савески, тужбата против одлуката за именување директор на Академија за судии и јавни обвинители ја поднесе полномошникот Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга, а се однесуваше на начинот на кој Управниот одбор на институцијата изврши избор на нов шеф.
на денешната одлука минатата недела ѝ претходеше рочиштето на кое беше одбиено барањето на Ќатоски на јавната расправа да се изведе репродукција на видео и аудиоснимка од седница на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) и заеднички да се споредуваат со писмените известоци што се доставени од АСЈО.
Судот го одби и барањето на тужителот Академијата да му достави примерок од аудио и видеоснимка.
На днешното соопштување на одлуката не беше присутен адвокатот Ќатоски, а од страна на тужените, Академијата за судии и јавни обвинители, беа само дел од полномошниците.
На минатонеделното судење Ќатоски во образложението рече дека на седницата на Управниот одбор треба да има јавно гласање, а не само седницата да биде јавна со тоа што на неа ќе присуствуваат медиуми и ќе биде пренесувана.
Во образложението што го дадоа полномошниците на Академијата за судии и јавни обвинители рекоа дека наводите во тужбата се неосновани затоа што гласањето било јавно велејќи оти поединечното и поименично гласање не е никаде наведено.