Македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот бугарски колега Иван Демерџиев утре на работна средба во Скопје ќе ги договараат заедничките активности кои двете земји ќе ги преземат за обезбедување мирна и безбедна средина за прославата на 4 февруари – денот на раѓањето на револуционерот Гоце Делчев.
Средбата доаѓа откако на социјалните мрежи беа објавени информации дека во Скопје на чествувањето на 151 годишнината од раѓањето на големиот револуционер Гоце Делчев, се очекува да пристигнат организирани групи на бугарски државјани.
По овие информации, пред три дена на социјалните мрежи од македонска страна започнаа да се организираат граѓани кои планираат да постават блокади на патиштата со цел да ги спречат бугарските државјани, кои најавија дека доаѓаат во Скопје на 4 февруари за одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
На денот на чествувањето, Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе организира „херојска стража“ со присуство на гробот на револуционерот на 4 февруари во текот на целиот ден, со започнување во 07:00, а претседателот Александар Пандов ги повика сите граѓани и почитувачи на делото на Делчев да дојдат во црквата Свети Спас и да изразат почит.