На денешен ден пред 27 години почна хрватската воено-полициска операција „Бура“, чија годишнина во Србија се одбележува како Ден на сеќавање на жртвите и прогонетите Срби, а во Хрватска како Ден на победата и татковинската благодарност, јави дописникот на МИА од Белград.
Во Србија 4 август се одбележува како ден кога почна офанзивата на хрватската војска и полиција и единиците на Хрватскиот совет за одбрана на областите Банија, Кордун, Лика и северна Далмација, односно на т.н. Република Српска Краина која доведе до егзодус на повеќе од 200.000 Срби од Хрватска.
Во Хрватска како државен празник се слави 5 август, денот кога заврши операцијата „Бура“ со влегување на хрватската војска во Книн и со кревање на хрватското знаме на тврдината Книн. Со тоа се вратени под хрватска управа последните делови од територијата што ги држеа припадниците на српските воени единици. Од 2000 година тој ден се одбележува како Ден на вооружените сили на Хрватска.
Во Србија централната манифестација по повод Денот на сеќавањето на прогонетите и жртвите од операцијата „Бура“ ќе се одржи вечерва на Плоштадот на слободата во Нови Сад, а на неа ќе присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во Хрватска централната манифестација по повод годишнината од акцијата „Бура“ годинава се одржува на 5 август во Книн, во присуство на државниот врв и со целодневна програма. Во пресрет на прославата, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, во својство на врховен командант на вооружените сили, вечерва приредува свечен прием во Книн, на кој ќе им додели одликувања и унапредувања на припадниците на вооружените сили.
Според податоците на Комесаријатот за бегалци и миграција на Србија, за време и по операцијата „Бура“, протерани се околу 200.000 Срби, убиени се околу 1.700, а повеќе од 700 се водат како исчезнати.
Според проценките на хрватските невладини организации и здруженија, за време и по Бура, убиени се повеќе од 600 цивили и спалени се над 22.000 куќи, а Хрватска тогаш ја напуштија околу 150.000 нејзини граѓани, чие враќање беше систематски отежнато.