Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, во која наведува дека датумот на основањето на македонската револуционерна организација е пресвртната точка од која започна долгиот и макотрпен пат за создавање на независна македонска држава.
– Нека ни е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. Благодарение на визијата на тогашните напредни интелектуалци за слобода и за правда, се осмисли почетокот за револуционерна борба и се обединија прогресивните сили во стремежот за остварување на националните и социјални идеали.
Во македонската револуционерна организација, посочува Пендаровски, имаше различни пристапи, концепти, идеолошки сфаќања, но секогаш само една и единствена заедничка идеја ‒ Македонија слободна и независна.
– Без разлика на вера, етникум, идеологија, партиска или каква било припадност да се обединиме околу идејата за демократска, развиена, напредна и просперитетна Република Северна Македонија. Да ги надминеме предизвиците на нашето време, да си ја сакаме и чуваме државата, да не се арчиме со меѓусебни судири и да го оставиме личниот интерес и суетите настрана, истакнува Пендаровски.
По повод одбележувањето на „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба“, Владата на Република Северна Македонија организира положување на свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк, Скопје.
На настанот, со почеток од 10 часот, ќе биде присутна владина делегација составена од Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.