Утре во селото Ниќифорово, родното место на народниот херој од НОВ, Чеде Филиповски-Даме, со пригодна програма ќе бидат одбележани 100 години од неговото раѓање.
Покрај културно-уметничката програма, се предвидуваат обраќања на претседателот на државата, Стево Пендаровски и на министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Одбележувањето на 100 години од раѓањето на херојот Чеде Филиповски – Даме ќе започне утре во 10 часот.
По предвидените обраќања и говорите за животот и делото на овој борец од Втората светска војна кој е синоним за борбеност во Западна Македонија, ќе биде прикажан и документарен филм.
Во уметничкиот дел предвидени се и настапите на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ и солистот Владо Глигоровски.
Чеде Филиповски е роден во Ниќифорово, Гостиварско, во 1923 година.
Пред почетокот на војната работел како ѕидарски работник во Белград. Набрзо се вратил во Македонија и бил еден од организаторите на НОВ во Мавровскиот крај.
Од ѕидарски работник, стана командант на дивизија, а од член на партиска ќелија во 1941 година во родното село Ниќифорово, стана член на АСНОМ – највисокото преставничко тело во Македонија. Ова е животниот и револуционерниот пат на Чеде Филипоски – Даме.
За заслугите во Народноослободителната војна на Македонија од 1941 година, Чеде уште за време на својот живот, со одлука на Претседателот на АВНОЈ, на 6 декември 1944 година беше одликуван со Орден на партизанска ѕвезда со сребрен венец од втор ред, а беше и носител на „Партизанска споменица“.
Во 1949 година е прогласен за народен херој на Југославија.
Загинал на 26 јуни 1945 година во сообраќајна несреќа во Радовишко.