ОДАС за “Фокус”: Поддршката за младите за кои пратениците секогаш велат дека се залагаат сега ја очекуваме во пракса

by Fokus

Средствата наменети за младите со буџетот за 2024-та година наидоа на неодобрување од страна на ОДАС, за што тие поднесоа амандмани.

„Секако дека во толку голем буџет има простор за зголемување на сите ставки за младите. Во нашите предлози се опфатени главните приоритети за кои сметаме дека се најнеопходни, а тоа се зголемување на средствата за реконструкција на ученичките домови, поттикнување на вработувањето, особено на млади луѓе од 18 до 29 години, зголемување на средствата за стипендии на студенти и средношколци, како и средства за промовирање и спроведување мерки за платена пракса.

 

Сите овие средства ќе придонесат за подобрување на стандардот и самостојноста на младите и ќе им овозможи подобар живот во нашата држава со надеж дека младите ќе почувствуваат дека државата навистина се грижи за нив и дека навистина сака тие да останат тука“, велат од ОДАС.

На прашањето каков е нивниот став околу скратувањето на планираните буџетски средства за младите, (средношколците и студентите) и на што мислат дека истата одлука се должи, тие во одговор за „Фокус“ истакнаа дека со секое намалување на парите ќе има директно негативно влијание врз развојот на младите и врз нивниот квалитет на живеење.

Додека пак, според нив, причините за скратување на парите им укажува дека предлагачот смета дека има поприоритетни области од младите, иако тие се иднината на секоја држава.

Изразено во суми, разликите меѓу овогодинешниот буџет наспроти оној за 2024та се повеќе од евидентни. Имено, се забележува пад од 21,8 милиони денари за 2023 година, на 14,6 милиони денари за 2024 година.

За реконструкција на ученичките домови се предвидени средства во висина од 7,2 милиони денари, наспроти предвидените 8,6 милиони денари во 2023 година.

„Во 2024 година се предвидува зголемување на ученичкиот стандард, а намалување на студентскиот стандард.

 

Го поздравуваме зголемувањето на средствата за реконструкција на средните училишта. Сепак, многу често, за да се прикаже буџетот како развоен и посветен на младите, кај овие ставки првично има зголемување, но, примерот од 2023 година покажува дека при ребалансот на буџетот се намалија токму ставките за изградба и реконструкција на основни, средни училишта, ученички и студентски домови.

 

Затоа апелираме овие ставки да останат непроменети во овој буџет и ако постои можност со евентуалниот ребаланс да се зголемат, а не да се намалат имајќи ја предвид лошата состојба на објектите во кои младите треба да учат и да престојуваат“, велат од Организацијата.

Исто така, упативме прашање и за Закондавниот дом и неговата подршка во решавање на овој сериозен проблем кога се работи за младата популација, по што добивме краток и концизен одговор со важна порака.

„Очекуваме поддршка од сите пратеници бидејќи во нивните излагања  секогаш искажуваат поддршка за младите, па ова ќе биде одлична можност тоа да го докажат во пракса, вели Петар Мицкоски“, генералниот секретар на ОДАС.

Ивана Младенова

Поврзани новости