Од живот во окови до љубов во Скопје – животната приказна на слониците Дуња и Даела!

by Fokus

По цели 26 години, во септември 2018 година Зоолошката градина во Скопје повторно доби слон, односно две слоници.

Топло добредојде на двете слоници, Дуња и Даела им посакаа огромен број на посетители, а по доаѓањето од Белгија, тие се едни од најатрактивните жители во зоолошката, омилени на децата, но и на возрасните. Слониците добро се прилагодија на животот во Скопје.

Стекнале доверба во луѓето, имаат блискост со вработените кои се грижат за нив и кои имаат навика да кажат дека Дуња и Даела во мир ги живеат своите пензионерски денови. Животната приказна на двете прекрасни слоници, кои од зоолошката градина Парадајза од Белгија беа донесени во Скопје, е тешка и слободно може да се каже дури и мачна за слушање.

Дуња има 60 години и е најголемата азиска слоница во Европа според Гинис, додека пак Даела има 30 години и двете израснале заедно. Живееле во циркус кој патувал низ студените краеви, најчесто во Германија, Шведска и Норвешка. Престојувале во тесен вагон и имале оков на нозете, а за време на циркуските претстави биле главната атракција од која сопственикот на циркусот добро заработувал.

-Дуња и Даела се циркуски слонови со многу трауми зад себе, но последните година и половина ги живеат своите пензионерски денови во Скопје. Поради доживеаните трауми и недовербата во човечкиот род, со тек на време, со многу љубов и посветеност, повторно во Скопје научија да им веруваат на луѓето и знаат дека некој се грижи за нив – раскажува Тина Мицковска, портпарол на зоолошката градина. Додава дека момците кои ги чуваат многу добро се грижат за нив.

Постојано им правеле изненадувања, гурмански специјалитети, сендвичи со путер од кикирики, кои им биле омилени. Ги бањале, им правеле педикир, постојано внимавале да им биде забавно.

-Лошите денови за слониците завршиле кога Европската Унија ги банираше циркусите кои користат животни во тие држави, односно во Германија, Норвешка и Шведска, па така Дуња и Даела завршија во најубавата зоолошка градина во светот, Парадајза во Белгија. Но, таму не можеле да се свикнат на дружбата со останатите 20 слонови, по што се донесе одлука да дојдат во Скопје, каде за нив се изгради специјален објект според сите стандарди – појаснува Мицковска.

Вели дека на почетокот не било лесно, им требало време на слониците да се прилагодат и да научат дека никој нема да ги повреди, дека можат да шетаат без окови на нозете и како тесните вагони во кои биле чувани се минато за нив. Но, за кратко, тие се адаптирале на новата средина.

-Научени на многубројна публика поради циркуските претстави, Дуња и Даела се адаптираа во новото пространо живеалиште со многу реквизити и мини езерце. Даела, која има 30 години и од бебе е покрај нејзината другарка Дуња, е пољубопитна и секогаш истражува. Често се случува да и ја краде храната на Дуња и да ја реди на својата кљова, белиот рог како заб кај слоновите. Дуња пак, секогаш е доста толерантна кон својата помала другарка. Многу се паметни, имаат одлична меморија, ги памтат луѓето, памтат кој им направил добро. Среќни сме што се овде, се трудиме да им го направиме животот најдобар, да ги заборават сите трауми од минатото – ни изјави Мицковска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости