Пред десет дена се јавив на телефонскиот број на Минситерството за здравство, кој е објавен на нивната официјална страница, барав да ми закажат средба со министерот Арбен Таравари. Момчето со кое разговарав телефонски ми кажа да дојдам денес, среда, и дека ќе се оствари средбата.
Се работи за животот на моето дете! Дојдов од Прилеп во Скопје уште рано наутро, цел ден го минав низ ходниците, објаснувајќи и молејќи за средба со министерот, но сите врати ми се затворија. Наводно, не бил овде денес. Еве сега, одам на Железничка станица, пак се враќам во Прилеп, во телефонски разговор за ,,Фокус” појаснува Љупчо Пирганоски, татко на 37-годишниот Јане, кој 20 години е во будна кома.
За случајот со момчето, кое по пад од височина паднало во кома, ,,Фокус” пишуваше во повеќе наврати. На свои 17 години, Јане по повредата од падот бил реанимиран, препратен на КАРИЛ, каде поминал седум месеци, потоа бил однесен во Свети Еразмо во Охрид, и по три години поминати таму, на крај бил хоспитализиран во прилепската болница. Таму е веќе 17 години, во кревет, а медицинскиот персонал само го храни и одржува во живот.
Како што појаснува неговиот татко, не го лекуваат, бидејќи ниту имаат кадар за тоа, ниту пак капацитет, туку само го хранат за да преживее. Надеж дека неговото дете сепак може да се разбуди од комата, му дале од клиничкиот центар Дубрава, Загреб, каде лекувањето со посебни методи изнесувало околу 23.000 евра.
-Профактурата од Дубрава уште лани ја доставив до ЈЗУ Клиника за неврохирургија, го молев поранешниот премиер Димитар Ковачевски да се посвети внимание на случајот, да се даде зелено светло од Фондот за здравство, да можеме да заминеме кај познатиот неврохирург Дарко Чуди во Дубрава, бидејќи зад него стојат низа на слични случаи, кога им помогнал на пациенти во слична состојба како Јане.
Операциите со мозочна стимулација кои тој ги прави се нешто ново кај нас, докторот е познат во целиот регион. Снимени се бројни емисии за него и неговата работа.
За нас, тој е единствената надеж во моментот. Кога во Македонија се кренаа раце од Јане, а имаме шанса надвор од земјава, несфатливо е како системот одбива да помогне.
Син ми е во будна кома цели 20 години, за ова време медицината оди напред, ако не кај нас, тогаш во светот, очигледен е напредокот кој им дава надеж на пациентите.
Не е тешко да се признае дека капацитетот на нашиот здравствен систем е тој, ете не можат да помогнат, но кога има некој кој нуди ветувачки прогнози, недозволиво е да се врти глава да се бараат изговори, а син ми да лежи заборавен во прилепската болница без никакво конкретно лекување, разочарано раскажува родителот.
Потсетува дека оваа битка за животот на синот ја води сам, бидејќи мајката на Јане починала пред повеќе години, со грутка во душата, поради ситуацијата со синот.
-Жена ми почина од мака. Не можеше да гледа како синот ни венее, не можеше да се помири со оваа тешка судбина. И сега, кога имам надеж дека состојбата на Јане може да се промени на подобро, принуден сум да водам битки со институциите, да се докажувам со нив дека тој има шанса за подобрување на состојбата.
Да докажувам дека дури и да се работи за рехабилитација, за алтернативно лекување, за било што кое нашиот Фонд не го признава, за медицина која според нив не е базирана на докази, кога тоа е единствената опција, зар треба да кренеме раце?
Ако во Македонија немате решение за некој пациент, дајте му шанса за лекување во странство! Не мислам да молам за донации, имам право на помош од државата, цел живот плаќам здравствено осигурување! Тоа го кажав и пред неколку месеци, кога многумина ми сугерираа да отвориме сметка за донации за Јане.
Доволно го изложив на понижување син ми, кога ги објавив неговите фотографии од болничкиот кревет, со надеж дека тие слики ќе допрат до надлежните институции. Достоинството на пациентите кои се лекуваат со донации е ставено на удар, многумина во очај објавуваат фотографии од своите најмили кои се соочени со тешка болест, само за да успеат да дојдат до потребните суми кои значат живот за овие луѓе. Не смее така да биде во ниту едно општество! Сакам да бидам слушнат од министерот за здравство и од институциите- апелира Пирганоски.
Уште пред неколку месеци, кога тој јавно раскажа за нивната голгота, од ФЗОМ одговорија дека до нив не била доставена документација за лекување во странство. Според нивниот одговор, доколку Јане има потреба од лекување во странство, постапката започнувала со издавање предлог за упатување на лекување во странство (конзилијарно мислење), од надлежната Универзитетска клиника во Скопје.
Таткото пак, вели дека тој уште лани во март се обратил до скопската Клиника за неврохирургија, од каде му одговориле дека за Јане е потребно доиследување, а според правилникот на ФЗОРСМ не следувал предлог за доиследување во странство.
Од Неврохирургија во повратниот одговор наведуваат дека случајот пак би бил разгледан, со документација од странската установа за можноста за поставување на ДБС како и оправданоста од поставување на истиот во конкретниот случај според медицина базирана на докази.
-Значи, поминаа месеци од тогаш, ништо ново нема, штама од институциите. Ниту некој ми се јавил, ниту писмено ме известиле, ништо нема…
Си ветив, дека додека сум жив морам да му помогнам на син ми, да го извадам од овде и да се обидам на било кој крај на светот да му обезбедам соодветен третман, да му се даде шанса. Шансата и надежта доаѓаат од Загреб, зборуваме за сума која државни функционери ја трошат за неколку дена, за нешта кои не се од витална важност, но ете овде, во нашиот случај, овие средства очигледно претставуваат голем товар за државата, вели Пирганоски.
,,Фокус” се обиде да стапи во контакт и со министерот Таравари по повод случајот, но до објавата на веста не добивме повратен одговор.
По враќањето од Скопје во Прилеп, каде наишол на затворени врати, Љупчо вели дека првин ќе оди на гробот на својата сопруга, за да и каже дека не се откажува од битката за синот. Од таму пак, како и секој ден, негова редовна дестинација е прилепската болница, каде Јане цели 17 години преживува, во очекување дека ќе добие шанса за подобрување на состојбата.
Вики Клинчарова