Од вторник почнува обесштетувањето на клиентите на пропаднатата „Еуростандард банка“

by fokus

Од вторник, 15 септември почнува обесштетувањето на дел од депонентите кои имале депозити до 30.000 евра во пропаднатата „Еуростандард банка“, соопшти Фондот за осигурување на депозити.

Исплатата ќе се врши преку четири деловни банки, „Комерцијална банка“, „Стопанска банка“, „НЛБ банка“ и „Халкбанка“.

-Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите А, Б, В, Г и Д ќе се исплаќаат во експозитурите на “Комерцијална банка” АД Скопје на целата територија на Република Северна Македонија. Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите од Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л и Љ ќе се исплаќаат во експозитурите на “НЛБ Банка” АД Скопје на целата територија на Република Северна Македонија. Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите од М, Н, Њ, О, П и Р ќе се исплаќаат во експозитурите на “Стопанска банка” АД Скопје на целата територија на Република Северна Македонија. Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите од С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ и Ш ќе се исплаќаат во експозитурите на “Халкбанк” АД Скопје на целата територија на Република Северна Македонија. Депонентите – самостојни вршители на дејност со личен труд кои во „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај биле регистрирани како ТП (трговци поединци) или Адвокат Име Презиме или Извршител Име Презиме или со назив на дејноста, на пример, Месарница, своето обесштетување ќе го подигнат според првата буква од називот, информираат од Фондот.

Покрај документ за идентификација (лична карта, пасош) потребно е да се приложи и доказ за регистрација на стопанската дејност (тековна состојба).

-Потврдите за сопственост на депозит ќе се издаваат директно во банките – исплатувачи, кога депонентот ќе дојде во банката да го оствари правото на обесштетување. За да се оствари правото на исплата на обесштетувањето, депонентот мора да ја подигне и потпише Потврдата на шалтер во банката исплатувач каде е распределен за подигнување на средствата, наведува Фондот.

Банките – исплатувачи ќе вршат исплата на средствата само на сопственикот на сметката/законскиот застапник/старател наведен во Потврдата, со приложување на важечки документи за идентификација.

Поврзани новости