Периодот на поврат на довербата кон ВМРО-ДПМНЕ од широките народни маси беше долгатраен и макотрпен процес, неминовно проследен и со порази во изминатиот период, но со победата на локалните избори во октомври 2021 година, Мицкоски го потврди својот несомнен политички капацитет и со полно право може да се надева на подршка од делегатите на претстојниот Конгрес.
Пишува: Марјан ЃОРЧЕВ
Секој Конгрес е природен чин на дефинирање на политичкиот профил на ВМРО-ДПМНЕ за временски пресек од четири години. Конгресните документи – идеолошката партиска доктрина, резолуциите и анализата на успесите и грешките во политичката практика за изминатиот период, претставуваат фактографски синтетизиран материјал којшто сам по себе е објаснување за значењето и улогата на партијата во македонската парламентарна демократија.
Во тој контекст и одржувањето на 17-от Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја отслика како од формален, така и од содржински аспект, идеолошката компонента во политичката акција, но истовремено ќе го избере и претседателот на партијата и органите коишто ќе ја водат во следните четири години.
Христијан Мицкоски го имаше целиот легитимитет како избран претседател на Конгресот во Валандово во 2017 година, од причина што успеа во најтешкиот период на партиската катарза, после хибридниот процес на имплементација на синдромите „Асанж и Сноуден“ на македонската политичка сцена, коишто го урнисаа угледот на тогашното партиско и државно раководство.
Периодот на поврат на довербата кон ВМРО-ДПМНЕ од широките народни маси беше долгатраен и макотрпен процес, неминовно проследен и со порази во изминатиот период, но со победата на локалните избори во октомври 2021 година, Мицкоски го потврди својот несомнен политички капацитет и со полно право може да се надева на поддршка од делегатите на претстојниот Конгрес.
ДАЛИ ВМРО-ДПМНЕ Е ОБЕДИНЕТО?
Може да се констатира дека ВМРО-ДПМНЕ во актуелниот политички момент е обединета, во смисол на партиско единство за концептуално осмислување на благородната мечта и сонот на историското ВМРО за слободна, силна и независна Македонија. Меѓутоа, за да се распредели правилно моќта во партијата, голема улога има и тенденцијата за самостојност на политичката акција на одделни поединци или партиски групи и партиското фракционерство.
Во ВМРО-ДПМНЕ, како и во сите политички партии во Македонија, постоеја идеолошки различности, но степенот на манифестација на таа различност во идеите за политичка акција помеѓу партиското водство и одделни организирани партиски групи, е суштествен за карактерот на внатрепартиската демократија.
Клучната поента – дали различностите и спротиставеностите ќе се разрешуваат со компромис или со конфронтација, го определува политичкото раководство како елитистичко и авторитарно, или како раководство што обезбедува висок степен на внатрепартиска демократија.
Во моментите кога колективните органи на партијата помеѓу два Конгреса – Извршниот и Централниот Комитет доминираа во донесувањето на премисите за политичка акција, внатрепартиската демократија функционираше (период 1990-1993, 1995-1998 и 2006-2011 година).
Но, во случаи кога политичкото водство заборава како дошло до партиската власт, а партиската политика се определува вон седниците на колективните органи на партијата, се активираше „партиската машинерија на љубители на лидерот“ – тесна неформална и клиентилистичка партиска структура, се случуваа внатрепартиски судири, па се разбиваше партиското единство и се монополизираше улогата на партискиот лидер (период 1994-1995,1999,2000-2003 и 2011-2016 година).
Актуелната состојба во партијата упатува на широк консензус кај членството за почитување на одлуките на колективните партиски органи, така што оценувам дека сите партиски структури коишто се дел од идеолошката матрица на ВМРО-ДПМНЕ, освен членството на ВМРО-Народна, се обединети околу ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира дека идеална состојба би била кога ВМРО-Народна би била интегрирана во ВМРО-ДПМНЕ, така што нема да има друга партија со префиксот ВМРО на македонската политичка сцена.
ТРЕТА РАЗВОЈНА ФАЗА
Сигурен сум дека изборот на Мицковски за претседател на партијата ќе значи верификација на суштинските реформи коишто беа болни и имаа големо влијание во однесувањето на традиционалниот гласачки електорат на партијата во изминатите изборни циклуси. Со тоа ќе отпочне третиот период во триесетиеднагодишна вмровска историја.
Во првиот период(1990-2003), Љубчо Георгиевски беше харизматичен лидер, со визионерски пораки упатени до македонскиот народ во клучните моменти на одлучување за македонска независност и самостојност. Тој имаше исклучителна политичка интиуција во носењето на одлуките како на партиско, така и на државно ниво.
Во вториот период (2003-2017), Никола Груевски ја водеше партијата како лидер со менаџерски предиспозиции, со голем работен капацитет и фокусиран кон економската димензија во политиката, што на извесен начин го афирмираше техократскиот модел на носење одлуки, како пресуден момент во неговиот политички активизам.
Христијан Мицковски е лидер којшто со досегашниот начин на раководење со партијата, го наметна неговиот висок интелектуален капацитет како одлучувачки за хармонизација на традиционалните вредности на партиската идеолошка матрица, со модерниот начин на претставување на партијата и дефинирање на партиските цели пред гласачкиот електорат, со нагласување на заедничкиот патриотизам кај сите луѓе на Македонија како „модус вивенди“ на новиот правец во политичката акција на ВМРО-ДПМНЕ.
Истовремено, се демократизираше партискиот статут, повторно се пристапи кон мобилизација, едукација и инспирирање на народните маси со државотворни содржини, а се води сметка и за артикулацијата на различните интересни групи и општествени движења (коишто се плод на фрагментацијата на македонското општество), во партиската доктрина и програмските изборни платформи.
Тоа се суштинските реформи коишто даваат нова надеж, можности и перспективи ВМРО-ДПМНЕ да добие доверба од македонските граѓани повторно да биде носител на државна власт во Македонија.
ЦЕЛИ И ТРАНСФОРМАЦИИ
Од мој агол на следење на работите, ценам дека ВМРО-ДПМНЕ ги оствари фундаменталните цели на својата политичка доктрина преку политичка практика, којшто во основа ја афирмираше прагмата како водечка категорија во носењето политички одлуки.
ВМРО-ДПМНЕ како народна, демократска и државотворна (т.н.уставна) партија, во самиот почеток на своето политичко дејствување тежнееше да го обликува јавното мислење на македонските граѓани со проактивна инспирирачка стратегија за реализирање на колективните цели на македонското општество, а не само да го отсликува моменталниот интерес и потреби на македонските граѓани, преку реактивна „ад хоц“ стратегија од избори до избори.
Во период од треиесет и една година се случија суштествени трансформации во партиската идеолошка доктрина. Во првата деценија од своето дејствување ВМРО-ДПМНЕ беше фокусирана кон мотивирање на народните маси, со идеолошката парола од државотворен карактер – „Воскресни Македонијо“ .
Заложбите за трансформација на општествениот систем со афирмација на приватната сопственост, слободата на пазарот, либерализацијата на надворешната трговија, денационализацијата, слободата на медиумите и ослободување на државниот апарат од стегите на социјалистичкиот општествен систем, беа основните постулати на политичката акција.
Втората деценија ја одбележа трансформацијата на ВМРО-ДПМНЕ во своевиден модел на ново општествено движење, со ребрендирање на целата партиска иконографија. Се наметна кадровска стратегија дека само младите луѓе се носители на развојот и прогресот на државата.
Успешноста во привлекување на странски директни инвестиции во слободните економски зони го замаглија хоризонтот на политичката акција. Партијата ја изгуби идеолошката содржина и од народна, демократска партија се претвори во модерно граѓанско движење, кадешто партиските кадри се бираа на конкурс?!
Конечно, после настаните во 2015/2016 година, партијата не умееше да ја детектира народната порака за потреба од партиска активност во опозиционен амбиент и дека е време за ново читање на народните потреби. Се надевам дека реформите коишто беа спроведени во изминатите четири години ја насочуваат партијата кон конструктивен политички дијалог како со македонските институции, така и со граѓаните на Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ како опозиција во периодот 2017-2021 година, докажува дека е подготвена да ја брани демократијата во државата, да нуди алтернативни решенија за ревитализација на државата, како на политички, така и на економски план, што води до стекнување доверба од граѓаните за нов политички мандат.
ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ТОВАРОТ
Хибридизацијата на едно општество породува несомнено чудовишни и неприродни појави, настани и ликови. Борбата за поголеми човекови права версус безбедноста и сигурноста на државниот апарат во 2015/2016 година, предизвика катаклизмични промени во основните дефиниции не само за политиката, туку и за содржината на нашите животи во совремието.
Не беше случајно што Македонија и Турција безмалку истовремено, а во последната година и Бугарија, беа дел од кризата на политичките системи од Блискиот Исток.
Се поставува прашање за нова семантичка интерпретација на категоријата „режим“. Не е спорен клиентилизмот, елитизмот и авторитарниот начин на партискиот активизам на Никола Груевски, пренесен на државно ниво како модел на парламентарна и владина политичка практика.
Не е спорна вулгаризацијата на поимот Антика. Ниту, пак, е спорна преамбизиозноста, кусогледоста и финансиската неодговорност на проектот „Скопје 2014“. Спорна е негацијата на добрите резултати од т.н. „владеење на неговиот режим“.
Анализирано од партиска димензија, ВМРО-ДПМНЕ треба да посочи на фактите дека на економски план Македонија во 2016 година беше на 9-то место во светот според условите за водење бизнис во земјата.
Согласно мастришките критериуми, Македонија важеше за економски стабилна земја, со позитивна оценка за реформскиот процес во земјата-добиени 9 последователни препораки од Европската комисија за отпочнување на преговори со Унијата (2008-2015 година).
Исто така, треба да се потенцира дека за време на тој режим „се сместија“ сите државни институции во државни објекти.
Товарот на т.н.„груевизам“ треба да се носи со одговорност и доследност во проникнување и признавање на сите направени грешки, како и извлекување поука за нивно елиминирање во иднина. За сторените грешки ВМРО-ДПМНЕ мораше да се соочи со македонскиот народ, а расплетот на таа политичка драма беше тежок, фрустрирачки и траеше цели шест години.
Меѓутоа, не треба да се бега од тоа што е постигнато со партиски и државнички активизам, како успех во политичката, економската, спортската и културната сфера од општествениот живот.
Само со достоинствено однесување и посветеност кон основните принципи на европските народни партии, кон традиционалните вредности на македонскиот идентитетски и културолошки простор, можеме да ги убедиме македонските граѓани дека ВМРО-ДПМНЕ идеолошко-програмски, кадровски и како политичка практика е повторно „бенчмарк“ за партиски активизам во македонскиот плурален политички систем, независно дали е во опозиција или ја практикува власта.
Авторот е поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, министер, градоначалник и амбасадор.