На прашањето за евентуално планирано покачување на струјата, портпаролите на Владата на денешната прес конференција, истакнаа дека цената на енергенсите се во постојан пораст на светските берзи и постои недостаток на електрична енергија и дека сите аспекти ќе се имаат предвид кога на некоја од наредните седници ќе се разговара за оваа состојба.
„Фокусот на АД „ЕСМ“ е на зголемувањето на домашното производство на електрична енергија и ги презема сите чекори за продолжување на континуираното производство на електрична енергија во текот на грејната сезона. Во РЕК Битола е засилен ископот на јаглен за потребите на стабилно обезбедување електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи, истакнаа владините портпароли.
Тие појаснија и дека се обезбедени дополнителни 90.000 тони јаглен од Албанија за почеток на производство на струја за стопанството по подостапни цени од моменталните на берзите.
-За истата намена, последниот јавен повик кој се објави деновиве за набавка на 810.000 тони јаглен ќе биде отворен во текот на целата 2022 година. По едномесечниот ремонт денеска почна со работа и РЕК Осломеј и за таму се обезбедува дополнителен јаглен“, информираа портпаролите.
Тие посочија и дека дел од стратегијата за надминување на енергетската криза е и активирањето на ТЕЦ „Неготино“ за што е распишан е јавен оглас за набавка на мазут. Понудите се очекуваат до денеска, по што ќе бидат отворени и по набавката и доставата на мазутот, и ТЕЦ „Неготино“ ќе се вклучи во производството.
„Државата ги следи состојбите во сите сектори, вклучително и во преработувачката и во прехранбената индустрија. Владата е во постојан отворен дијалог со сите засегнати страни во стопанството. Една таква комуникација се одвива преку платформата за социјално-економски дијалог која ги опфаќа социјалните партнери и четирите најголеми комори преку која се одржуваат редовни состаноци и секако тој не е прекинат“, беше одговорено на прашањето за планираните политики во врска со поскапувањата на прехранбените производи.