Од вкупно 15, обвинение за петмина од групата Грчец вмешана во шверц на кокаин и убиства по нарачка – водачот Шеваљ Муареми се бара од Дубаи

by Fokus

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција по неколку месеци од почетокот на истрагата поднесе обвинение против петмина осомничени кои се дел од криминалната група „Грчец“ вмешана во шверц на кокаин и убиства од одмазда и нарачка.

Од вкупно 15 осомничени членови на групата, во притвор се петмина и против нив е поднесено обвинение, додека за водачите меѓу кои и Шеваљ Муареми се бара да бидат екстрадирани од Обединетите арапски емирати, Хрватска и Шпанија.

-Наредбата за спроведување на истражна постапка беше донесена во јануари против 15 лица. За четири лица кои се недостапни на органите на прогонот, обвинителството преку Министерството за правда ги има преземено сите неопходни активности согласно Законот за меѓународна помош во кривична материја. Така, за две лица се доставени документи за екстрадиција до Обединетите арапски емирати, за едно лице до Р. Хрватска и за едно лице до шпанските власти. Постапките за екстрадиција се водат согласно процесните закони на државите во кои се наоѓаат осомничените лица и за нив истражната постапка ќе продолжи по нивното обезбедување, како и за останатите осомничени, велат од Обвинителството.

Според обвинителниот акт, тројца од обвинетите како припадници на организираната меѓународна криминална група се обвинети за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ од чл.215 ст.3 од Кривичен законик.

Тие како припадници на групата, заедно со други лица од кои дел се осомничени во предметот и се недостапни на органите на прогонот, дел се починати, а дел веќе осудени, заеднички делувале, секој во својата улога на неовластена набавка, пренесување, држење, продажба и посредување во купопродажба.

Неколку пати во текот на 2020 година овие тројца обвинети биле вемешани во купување на 15 килограми и 5 грама кокаин, негово пренесување и продавање во државава. Групата, според обвинението, од 2019 до 2021 година неколку пати купувала кокаин од земјите од Јужна Америка и организирала нејзино пренесување преку воден пат до Европските земји.

Кокаинот кој требало да биде продаден во Македонија, се пренесувал од Белгија и од Албанија преку Косово, а цела операција ја договарал и организирал Муареми, кој е водач на групата.

Останатите двајца се обвинети за две кривични дела „Злосторничко здружување“ и „Убиство“. Тие се товарат дека со Муареми,  уште едно лице кое е во бегство и двајцата убиени водачи на „Дуќанџик“, Јетон Кривањева – Жила и Орхан Бајрами – Оки создале криминална група чија цел била да убиваат од одмазда и на нарачка.

Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки за тоа кој, кога, каде и на кој начин да биде лишен од живот. Одлуките ги спроведувале лично или преку припадниците на организираната криминална група, кои ги прифаќале и спроведувале, а договорите, налозите и упатствата биле пренесувани во непосредни контакти или преку енкриптирани телефони на кои била инсталирана апликацијата „SKY“.

Така, организаторите врз основа на претходни сознанија во кои биле цврсто убедени, дека едно лице наводно е учесник и предводник во престрелката во Хотел „Александар Палас“ во Скопје, каде со употреба на огнено оружје било пукано кон дел од членовите на групата, започнале да прават план за лишување од живот на лицето. Откако донеле одлука да го убијат ги ангажирале двајцата обвинети и уште едно сега починато лице, давајќи им налог да го следат неговото движење.

По неколку неуспешни обиди на 5.3.2020 година, обвинетите и сега починатиот употребувајќи светлосни сигнални уреди – флешери го запреле возилото во кое се наоѓало лицето кое им било цел со уште три други лица и со употреба на автоматско оружје и пиштол го лишиле од живот , притоа убивајќи уште едно лице кое седело зад него, соопшти Обвинителството.

Обвинителот доставил и посебен предлог на обвинетите да им биде продолжена мерката притвор.

Неделникот „Фокус“ континуиарано пишуваше за оваа криминална група и за пресметките во скопското подземје, што сега резултираше со обвинение.

Во интервју за неделникот „Фокус“, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски изјави дека според него е симптоматично тоашто во една голема ваква полициска акција водачите не беа уапсени.

Полициската акција беше спроведена непосредно пред формирањето на техничката влада, кога на чело на МВР беше Оливер Спасовски. Тој кажа и за докази кои откриваат дека групата имала „кртови“ во повеќе институции, полицајци, обвинители, судии.

Засега нема излезено во јавноста ниту едно име на помагачите на групата, но министерот во интервјуто рече дека се работи на овој случај.

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Поврзани новости