Грејната сезона во Скопје започнува утре и ќе трае до 15 април идната година, а цената засега останува иста, соопшти Регулаторната комисија за енергетика. Нова одлука за цената ќе се носи откако ќе биде поставен цевководот на мостот Беласица.
„Согласно правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија грејната сезона во Скопје започнува на 15 октомври 2023 година и завршува на 15 април 2024 година, со можност да се продолжи уште 15 дена во зависност од надворешните температури“ се наведува во соопштението на РКЕ.
Оттаму додаваат дека без оглед на температурите надвор, грејната сезона започнува утре и снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 6:00 до 22:00 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 степени Целзиусови.
РКЕ апелира до сите потрошувачи на регулираниот пазар, односно до институциите и домаќинствата да продолжат со рационално трошење на енергијата исто како во изминатата грејна сезона.