Од утре стартуваат новините во образованието – наставниците ќе мора да бидат 6 часа на работа

by Fokus

Од утре стапуваат на сила новините во образовниот систем – задолжителен престој на наставниците што реализираат настава од 1. до 6. одделение да е 6 часови, без оглед на тоа дали се одделенски или предметни наставници.

Ова стои во документот во кој се содржани новите насоки за училиштата кои ги објавија одговорните во Бирото за развој на образованието (БРО), а кои ќе се применуваат од утре, 1 септември.

„Поголемиот дел од времето учениците го поминуваат во редовна настава по задолжителните и изборните предмети (оние од 1. до 5. одделение во просек до 3,5 часови дневно, а оние од 6. одделение, во просек до 4,5 часови дневно). Остатокот од времето е наменет за одмори меѓу часовите), а дел е наменет за активности што се структурирани и организирани од наставниците или од училиштето во вид на одделенски час, дополнителни или додатни активности поврзани со наставата или со воннаставни активности, какви што се хор, оркестар, спортски клуб, подготовка на театарска претстава, еколошки и хуманитарни акции“ – наведено е во споменатиот документ.

Предметните наставници по предметите историја, географија, граѓанско образование, техничко образование и информатика се сметаат за потенцијални наставници за реализација на новите наставни предмети Историја и општество и Техничко образование и информатика во 6. одделение, стои во насоките за училиштата.

Согласно наставната програма по историја и општество за 6. одделение, наставата по овој предмет во учебната 2023/24 година ќе се реализира со 3 часа неделно, односно 108 часа годишно, од кои 62 часа отпаѓаат на модулот историја, 10 часа на модулот граѓанско образование и 36 часа на модулот географија.

„Со оглед на тоа што наставата по предметот историја и општество ја реализираат двајца или тројца наставници, секој наставник изведува посебна оценка за модулот што го реализира. На крајот на учебната година во свидетелството се запишуваат одделни сумативни оценки од историја, географија и граѓанско образование“, се вели во насоките.

Домашните задачи за учениците од 4. до 6. одделение може да бидат испланирани и зададени на некоја од дигиталните платформи, пишува во насоките.

Сите овие новини се воведени како резултат на новата Концепција за основно образование, која како крупна образовна реформа беше воведена во 2020 година, на иницијатива и во време кога министерка за образование и наука беше Мила Царовска.

Поврзани новости