Од утре постепена промена на времето – детална метео анализа

by fokus

До крајот на денов ќе имаме стабилно и суво време, односно умерено до значително облачно. По одделни котлини и понатаму ќе има појава на магла и на ниска облачност, максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 10 до 17 степени, по магливите котлини и понатаму ќе остане значително постудено. Температурите на местата со магла ќе се искачуваат во интервалот некаде од 2 до 8 степени.

Утре од утринските часови и тоа од запад ќе започнат повремени врнежи од дожд, околу пладне врнежи ќе има и на другите места но истите ќе бидат од локален карактер и со послаб интензитет. Услови за повремен снег ќе има само на повисоките планински места, ќе започне да дува јужен и југоисточен ветер и тоа со слаб до умерен интензитет, истиот повремено на некои места ќе засилува на интензитет а условите за магла полека ќе се намалуваат и тоа особено за време на викендот.

Исто така за викендот ќе дува умерен до засилен ветер од јужен и од југозападен правец. Во сабота особено на запад и попладне се очекуваат повремени врнежи од дожд, во недела истите ќе се интензивираат и ќе се прошират и во останатите предели од државава. Температурите на воздухот и понатаму ќе бидат над просекот и истите ќе се искачуваат во интервалот од 7 до 14 степени, особено за време на викендот кој доаѓа.

За време на викендот ќе има услови и за локална појава на грмежи и тоа поради релативно топлото јужно струење. Доста ветровитото време кое ќе го имаме за време на викендот кој доаѓа ќе се задржи и на самиот почеток од следната недела.

Подготви: Славчо Попоски

Поврзани новости