На 28 февруари (среда) во сите подрачни одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК), почнува јавниот увид во Избирачкиот список за претстојните претедателски и парламентарни избори.
Како што беше речено на денешната седница на ДИК, увидот во Избирачкиот список ќе трае до 18 март, а освен во подрачните одделенија и канцеларии, може да се направи и преку веб страницата https://izbirackispisok.gov. mk/.
Во подрачни одделенија ќе може да се поднесуваат и писмени барања за запишување, дополнување или бришење на податоците на граѓаните во Избирачкиот список.
Согласно Роковникот и Изборниот законик, Избирачкиот список што ќе оди на избори се заклучува и потпишува најдоцна 15 дена пред изборите.
– Во интерес на транспрентноста на изборниот процес, апелираме граѓаните да го искористат правото и да ги проверат своите подотоци.
Согласно Роковникот и Изборниот законик, податоците за Избирачкиот список се ставени на увид со состојба од денот на распишување на изборите, 14 февруари, а по јавниот увид, ако има основани барања за одредени промени, ДИК соодветно ќе постапи, истакна членот на ДИК, Борис Кондарко.
Тој потсети дека адресите на подрачните одделенија и канцеларии се наведени на веб страницата на ДИК, како и дека скоро сите се сместени во седиштата на локалните самоуправи на општините.
– Тоа се истите подрачни одделенија и канцеларии каде во моментов тече постапката за собирање потписи.
Покрај непосреден, јавен увид во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, граѓаните може да направат увид и на нашата веб страница https://izbirackispisok. gov.mk/, додека непосредно во подрачните одделенија може да поднесат писмени барања за запишување, дополнување или бришење на нивните податоци во Избирачкиот список – ако некој граѓанин не е запишан во Избирачкиот список или ако е запишан, а нема избирачко право или нема живеалиште на подрачјето на општината, ако некое лице е починато во меѓу време, ако е сменета адресата или личното име, односно ако се неправилно запишани, објасни Кондарко.
За текот на увидот и бројот на граѓани кои ќе извршат увид, ДИК, напомена Кондарко, ќе информира на дневна основа и постојано ќе апелира граѓаните да го искористат ова свео право во интерес на изборниот процес.
Покрај Јавниот повик за проверка на податоците во Избирачкиот список за претедателките и парламентарните избори, ДИК на денешната седница го усвои и Упатството за спроведување јавен увид во Избирачкиот список за претседателските и парламентарните избори.