Од утре па се до петок во земјава ќе важат препораки за заштита на здравјето на граѓаните, поради високите температури кои се очекуваат, соопшти Владата.
Според Министерството за здравство, по добиени информации од метео-алармот на УХМР, од утре сите региони во државата ќе влезат во портокалова фаза.
Владата препорачува:
– Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;
– Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
– Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
– Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
– Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници.
Според препораките од МЗ, граѓаните не треба да се изложуваат директно на сонце од 10 до 15 часот, да носат лесна облека, капа или шешир, како и крема со заштитен фактор.