Влезот на Еуроникел Индустри во Кавадарци утринава бил блокиран од страна на работниците, кои бараат да се најде инвеститор за да можат да останат на работа. Исто така, тие реагираат и дека немаат земено три плати.
Со децении наназад фабриката позната во Тиквешијата како поранешен ФЕНИ важи за еден од најголемите работодавачи во регионот, каде работат околу 1.000 лица, плус соработува со голем број на транспортни компании.
Изминатиот период чести се протестите на вработените кои апелираат банката доверител и нов сопственик на комбинатот да најде нов инвеститор што е можно побргу, бидејќи над 800 работници и соработници живеат во неизвесност.
Според последните случувања, банката предложила стотина работници да ја одржуваат печката на фабриката, за просечни плати, додека да се најде нов инвеститор.
Пред само неколку години Еуроникел Индустри важеше за позитивен пример во земјава. Неретко и поранешниот премиер Зоран Заев истакнуваше дека од компанија во стечај ФЕНИ, а потоа Еуроникел Индустри, благодарение на владата станала компанија која е мотор на економскиот развој, со околу 1.000 вработени на кои им исплатува 30 проценти повисоки плати од просекот.
И Фатмир Битиќи, Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, пред три години за време на пандемијата со корона вирус потенцираше дека Еуроникел Индустри е компанија која дури и во време на светска криза работи со успех.
-Еуроникел е еден од најголемите работодавачи во Кавадарци и регионот со околу 1000 вработени лица. Соработува со околу 70-80 транспортни компании од овој регион, ги поседува сите еколошки дозволи за работа и е четврта по вредност на извезени производи со околу 166 милиони евра извоз во 2019 година и исто така, деветта по вредност во остварени приходи во земјата (169,5 милиони евра)- информираше Битиќи кон крајот на 2020 година.
По последните случувања во комбинатот пак, пред околу два месеца, тој порача дека Еуроникел е приватна компанија, но важна за Кавадарци, како и дека правата на работниците мора да се заштитени.
-Социјалниот дијалог е важен и правата на работниците секогаш треба да се заштитени. Ова не го кажувам прв пат, но денеска морав да го повторам и пред синдикатот на „Еуроникел индустри“ кои ги сретнав попладнево, откако тие побара средба со мене за да ми ги кажат состојбите со кои се соочуваат во последниот период. „Еуроникел индустри“ е приватна компанија, но сепак сакав да ги ислушам, затоа што Еуроникел е важна за Кавадарци и регионот како и нашите сограѓани кои работат во компанијата.
Очекувам дека обврските и правата и на двете страни кои произлегуваат од синдикалниот договор, ќе се почитуваат, како при секојдневното работење на компанијата така и при можната реорганизација, што ќе гарантира дека вработените во Еуроникел ќе добијат заштита- истакна Битиќи на средината на ноември минатата година, по средбата со синдикатот.
Како потсетување, минатиот месец Комерцијална банка, која беше главен доверител на комбинатот кој се соочуваше со тешкотии во работењето и го стопираше производството, го презема во своја сопственост.
-Комерцијална банка известува дека на 11.12.2023 година во постапка за присилна наплата на побарувања од должникот ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ ДОО с.Возарци Кавадарци, Банката се стекна со сопственост врз недвижен и подвижен имот за вкупна цена од 37.897.993 евра, објави тогаш банката преку Македонската берза.
Комбинатот ќе се продава, и веќе имало неколку заинтересирани потенцијални инвеститори.
Вики Клинчарова