Oд Украина досега вкупно се евакуирани 120 лица, од кои дел се украински државјани со нивни семејства, информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг.
-Од нив, 20 го искористија нашиот апел да ја напуштат државата пред 24 февруари, пред започнување на конфликтот. Во активна евакуација се 43 наши граѓани, што значи дека ги напуштиле живеалиштата и се на пат да излезат од Украина, пред еден час седум граѓани ја напуштија државата – соопшти Османи.
Тој додаде дека има дел од наши граѓани кои ја напуштиле Украина, но заминале во Полска и решиле да останат таму, со намера во прва прилика да се вратат повторно во Украина.
-Минатата недела, МНР испрати дипломатска мисија во Украина со цел да ја олеснат евакуацијата на македонските граѓани. Околу 38 граѓани сè уште се во нивните живеалишта во Украина, од кои 11 во Киев, седум во Запорожје и 20 по другите градови – вели Османи.
Во однос на повторното заминување на македонскиот амбасадор Крум Ефремов во Украина, министерот истакна дека неколку дена пред евакуацијата амбасадата се наоѓала во скривница поради бомбардирањето, поради што морале да бидат извлечени од Киев на побезбедно место во Украина.