Од ЦЈЗ Кавадарци демантираат дека од ковид починала млада девојка, со лажна вест вознемирени граѓаните

by fokus

Лажна е веста дека вчера починала 17-годишна девојка од Кавадарци позитивна на корона вирус. Веста ја објави порталот Инфомакс.мк, а истата ги вознемири граѓаните, кои бараат одговори од здравствените служби – вели д-р Ристе Јованов од ЦЈЗ Кавадарци.

Тој додава дека се обидел да стапи во контакт со надлежните од порталот и да демантира, бидејќи е наведен како извор на информацијата, но никој не одговарал на телефонскиот број за контакт.

-Во вчерашната статистика беше објавено дека од Кавадарци од последици на Ковид-19 почина 70-годишна жена, а не 17-годишно девојче. Се обидуваме да стапиме во контакт со авторот кој е потпишан под лажната вест или било кој од редакцијата, но безуспешно. Освен телефонскиот број на кој никој не се јавува, нема друга контакт информација. Граѓаните ни се јавуваат,прашуваат дали е вистина, затоа со цел да ја смириме јавноста, преку други медиуми решивме да ја демантираме лажната вест која ја објави Инфомакс – изјавија од центарот.

Потенцираат дека мора исклучително да се внимава кога се објавуваат вести на оваа тема, бидејќи дури и ненамерна грешка може да предизвика голема вознемиреност кај јавноста.

Вики Клинчарова

Поврзани новости