Популарниот екс ју бенд „Црвена Јабука”, синоќа во Гевгелија направи одличен концерт на кој присуствуваа илјадници љубители на нивните безвременски хитови од целата земја.
Настанот се случуваше во популарната дискотека „Де Факто”, каде фронтменот и вокал на бендот Дражен Жериќ – Жера, заедно со своите момци на присутните им приреди неколкучасовно патување низ времето. Хитовите на „Црвена Јабука” со кои растеа многу генерации се добро позната лектира, како на постарите, така и на помладите.
Токму поради тоа, на настанот имаше публика од сите возрасти, од најмлади, па се до околу 70-годишни фанови. А за да се изведат сите добро познати стихови на бендот, два часа се премалку, па затоа на барање на публиката, музичарите се враќаа на бис.
„Црвена Јабука”, бендот кој е еден од најплодните во поранешна Југославија, опстојува веќе 35 години и се уште има редовни настапи ширум светот. Така, завчера имаше концерт во Љубљана, Словенија, од каде пристигна во Гевгелија. Но, уморот од претходниот концерт и патувањето долго околу 12 часа не можеше да се забележи на лицата на музичарите.
Професионално се свиреа сите хитови, од сите страни светкаа блицовите, а гостите преплавени од некоја носталгија ги пееа стиховите кои ги одбележаа осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век.
-Вчера Словенија, денес Македонија. Односно, од Триглав до Вардар, за помалку од 12 часа. Нема место за умор кога излегуваш на сцената пред која те чекаат прекрасни луѓе, забораваш на се, и те понесува моментот – ни изјави тапанарот на бендот, Адриан Бориќ.
Вели дека патувале со комбе и со автомобил, тргнале кон Гевгелија веднаш по концертот во Љубљана и драго му е што нивната музика се уште ги предизвикува истите емоции кај народот од Вардар до Триглав. Поради богатиот авторски репертоар, бендот ги свири своите песни, но синоќа во Гевгелија се изведе и легендарната „Македонија” на Дадо Топиќ.
Уште при првите звуци на секоја нумера, публиката реагираше со воодушевување и покажа дека музиката не познава никакви граници, а поради добрата атмосфера концертот траеше до три часот наутро.
-Ова се песни кои не враќаат назад, во едни убави времиња, ни будат спомени и носталгија по она што изминало– коментираа дел од присутните. Од дискотеката „Де Факто” за „Фокус” велат дека незаборавниот бенд ја направил најубавата атмосфера кај нив во месец јануари и драго им е што се создал таков редок амбиент и прекрасно доживување за Ју – носталгичарите.
Вики Клинчарова