На струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, му се закануваат од три месеци до три години затвор, откако вчера струшкото обвинителство му поднесе обвинение за несовесно работење во службата.
Поточно, обвинителството го гони затоа што во јануари 2022-ра година во основното училиште во Лабуништа поставил директорка која не ги исполнувала законски пропишаните услови.
-Обвинетиот, како службено лице – градоначалник на општината Струга, на 31.01.2022 година, свесно ги повредил законските прописи за совесно постапување при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа. Притоа, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот, информираа од обвинителството.
Од Обвинителство нагласуваат дека „така обвинетиот овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да и се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси“.
Мерко се гони по член 353-в став 1 од Кривичниот Законик.
,,Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските прописи за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо
овластување, со пропуштање на должен надзор или на друг начин очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета,
ќе се казни со затвор од три месеци до три години”.
Овој случај лани го обелодени Антикорупциската комисија, од каде што открија дека директорката била поставена на функцијата пред да заврши факултет, а потоа факултетска диплома добила на Универзитетот кој е во приватна сопственост на градоначалникот Мерко.
Против Мерко неодамна беше поднесено и обвинение за набавката на луксузното ауди од речиси 70 илјади евра. За овој случај обвинението му е поднесено по член 353 став 4, за што е предвидена затворска казна до пет години. Бидејќи автомобилот го набави во 2019 година, кривичното дело застарува во 2029 година.
Мерко, избран како кандидат на ДУИ, веќе трет мандат е градоначалник на Струга. Лани во јуни се најде на црната листа на САД.
Валентина Вурмо