Прехранбените производи кои се очекува да бидат со намалена и замрзната цена по утрешната Владина одлука од среда на рафтовите ќе може да се препознаат со ознаката „гарантирана цена“.
-Станува збор за повеќе од 50 прехрамбени производи, од 25 категории чија референтна цена за намалување ќе биде од 1ви август – најави министерот за економија Крешник Бектеши.
Листата на производи ќе биде објавена утре, а на неа, според Бектеши, ќе може да се најдат речиси сите прехрамбени производи од пекарската, месната и млечната индустрија.
Бектеши апелира до производителите и трговците кои нема да се најдат на листата да се пријават во Министерството со цел да се вклучат во намалувањето на цените и на таков начин да ја добијат ознаката „гарантирана цена“.
Тој најави и средба со производителите и дистрибуитерите на пијалоци, со цел следната одлука и тие да бидат вклучени во намалување на цените.
На утрешната владина седница, Бектеши најави и корекција во однос на одлуката за забрана на акции. Вели дека дополнителни акции од 10-те најавени проценти ќе бидат дозволени, но за да не се доведуваат граѓаните во заблуда при акција на производ пред истек на рокот, тој да биде соодветно означен.
-Мене ми беше важно граѓаните да не бидат во заблуда. Откако ќе бидат ставени одредени акции, граѓаните купуваат, одат дома и гледаат дека производот има рок од два дена, а тоа е дополнитлеен трошок на купувачот. Акции дополнителни од овие 10 проценти ќе бидат дозволени – рече Бектеши.