По реакцијата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) дека „четворица новинари биле привилегирани од страна на службите за сметка на новинарите и медиумските работници од домашните медиуми. Според видео прилогот и укажувањата на порталот Portal X, четворицата странски новинари биле сместени да седат во дипломатскиот дел на терасата во пленарната сала и исто така во текот на нивната посета биле пренесувани со владини службени возила“, реагираат од Кабинетот на претседателот на Собранието, Јован Митревски.
„Во однос на седницата што се одржа на 28.01.2024 година, на која беше избрана техничката Влада на Република Северна Македонија, ве информираме дека не станува збор за привилегиран однос на Собранието кон одредени новинари, ниту за непринципиелен третман кон новинарите и медиумските работници од домашните медиуми.
Сакаме да истакнеме дека, поради зголемениот интерес на претставници од домашните, но и од странски медиуми, кои уредно беа акредитирани до 26 јануари годинава, беше увидено дека интересот за следење на пленарната седница е значително зголемен во однос на вообичаената пракса, поради што го ставивме на располагање целиот капацитет на галеријата.
Ве уверуваме дека Собранието на Република Северна Македонија останува институција отворена за граѓаните, но и за претставниците на медиумите со кои и досега сме имале конструктивна и плодна соработка, во интерес на нанавремено и доследно информирање на граѓаните и таа соработка во иднина ќе се продлабочува“ се вели во соопштението од Собранието.