Од „Слободен печат“ реагираат по обвинувањето за цензура, бараат јавно извинување од ЗНМ за едностраните соопштенија

by Fokus

Медиа директорот и главен уредник на медискиот сервис на „Слободен печат“ – Мирослав Јовановиќ денеска во соопштение реагира, како што вели, во име на вистината во насока на појаснување дека работниот однос на Жарко Настоски во „Слободен печат“ завршил на 30 јуни годинава и истиот не е продолжен со одлука на менаџментот од оправдани причини.

„Обвинети сме за цензура поради бришење на целосен текст објавен од Настоски на нашиот портал, а јас додавам дека водејќи сметка за јавниот интерес и под полна лична одговорност – лично дадов налог до него преку одговорниот уредник на веб порталот тој текст да се избрише“ вели Јовановиќ.

Тој потенцира во соопштението дека „истиот ден претпладне, редакцијата на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ имаше објавено два авторски текста кои аналитички ја третираа темата за спорните рудници. Текстовите се потпишани со полно име и презиме на авторите. Згора на тоа, сам признава дека објавил целосно ископиран текст на којшто му го сменил само насловот, игнорирајќи го фактот дека оваа тема веќе е сработена со двата споменати текста за кои подолу има линкови. Редакцијата и уредничкиот колегиум стои зад нашите авторски текстови веќе објавени на нашиот портал затоа што се изработени според најсовремените узанси на новинарството“.

Јовановиќ посочува дека „текстот што го објавил Настоски е избришан затоа што е преземен авторски текст од друг веб портал (текстот не е ниту авторско или какво било дело на Настоски) на кого Настоски му го сменил само насловот и без каква било проверка на факти и наводи во текстот, да не зборуваме дека оригиналниот автор на текстот не е спомнат – истиот го објавил на нашиот портал, што претставува грубо кршење на сѐ што е измислено за новинарската професија до денес, обид за манипулација на јавноста, а посебно непридржување кон членовите 1 и 2 од Кодексот на новинарите на ЗНМ на РСМ“.

„Во однос на обвинувањата за цензура, може да посочиме дека од појавувањето на проблемот со рудниците Слободен печат професионално и редовно ја третира темата што може да се провери со обично пребарување на сајтот и да се види дека има над 30 наслови врзани за овој случај во целиот период“ вели Јовановиќ.

Тој бара „јавно извинување од Здружението на новинари на Македонија и Сојузот на синдикати на новинарите за нивните еднострани соопштенија. Во иднина, ги замолувам и охрабрувам , секогаш кога ќе се посомневаат во постапувањата на Слободен печат врзано за нивните активности, да нѐ контактираат и да побараат објаснување/одговор од нас“.

Поврзани новости