„Цените на над 50 основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто, ќе се намалат за минимум 10 отсто од наредната среда“ изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши по средбата со претставници на осум синџири на маркети што се одржа во Министерството за економија.
– Имавме многу конструктивна дебата и заеднички се согласивме дека има простор за намалување на цените. Тоа како општествено одговорни претпријатија го прифатија и синџирите на супермаркети што значи дека ќе бие усвоена одлуката на Министерството за економија на владината седница во вторник и реализирана во делот на намалување на цените на прехранбените производи во сите синџири на супермаркети – изјави Бектеши.
Рече дека за минимум 10 отсто ќе се намалат цените на над 50 основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто, а референтна цена ќе им биде цената од еден од претходните месеци.
– Моментално Министерството за економија работи на дополнителни мерки за дистрибутерите и за производителите на прехранбени производи кои утре најверојатно ќе бидат свикани на состанок во Министерството. Со тоа потрошувачите нема да се чувствуваат измамени и нема дополнително да им се зголемат трошоците – рече Бектеши.
Најави дека Министерството во текот на следната недела ќе направи и измени и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат (ДПИ) со кои ќе ги зголеми ингеренциите на инспекторите на ДПИ за да можат веднаш да постапат и да го затворат објектот без да поминат одредени судски постапки. Од среда, посочи, ДПИ со зголемен капацитет ќе биде на терен.
– До крајот на наредната недела ќе го имаме и новото законско решение за нефер трговски практики со кое ќе се укинат над 20 отсто од одредени давачки во синџирот на трговија, почнувајќи од производство, па се до малопродажба што дополнително ќе влијае на намалување на цените. Со законското решение ќе се утврди начинот како треба да се направи договорот меѓу синџирот на супермаркети и нивните добавувачи или, пак, синџирот на супермаркети и производителите од државата – потенцираше Бектеши.