Потребите за нашето здравство се огромни и затоа сметам дека апсолутен приоритет на новата влада треба да биде новиот клинички центар да го изградиме сите заедно, рече првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, кој присуствуваше на настан на Универзитетската клиника за хематологија по повод пуштање во употреба на новоотворениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Клиниката за хематологија.
Тој нагласи дека денешниот проект е потврда за она што тој зборувал пред некој ден, околу руското влијание.
„Се што добиваме од Русија се неволји, проблеми, провокации кои не оддалечуваат од нашиот пат во Европската Унија, а од САД добиваме поддршка за нашите ЕУ аспирации, реновирања на болници, изградба на патишта, детски градинки, поддршка на владеење на правото, проекти кои се важни за нашите граѓани“ рече Груби.
Според него, токму таа разлика треба да ја знаат граѓаните и заедно да одлучиме каква држава ни е потребна.
„Затоа нашите граѓани треба да ја видат разликата што ја имаме од партнерството со Евроатланската заедницата, од САД и Европската унија, а што добиваме од деструктивното влијание од Русија. Од круцијално значење е да направиме одлука каква држава ни е потребна. Дали ни е потребна европска Македонија или проруска Македонија?“ порача Груби.