Од радио водител во Прилеп до најангажиран менаџер во Швајцарија: Хари ќе слави 25 години успешно менаџирање!

by Fokus

Прилепчанецот Хари Сековски кој повеќе од две децении живее во Швајцарија, каде е еден од најангажираните менаџери за настапи на балкански музички ѕвезди во клубови, со голем забавен настан во Прилеп ќе слави 25 години успешна кариера.

Настанот ќе се одржи на 25-ти  октомври во ресторан „Центар“ со почеток од 19.30 часот, а ќе настапат многу познати домашни музичари.

Сузана Гавазова, Ламбе Алабаковски, Благоја Грујовски, Елена Велевска, Владо Пупиноски, Цаки Кисми, Коки Јанков, Живко Динев, Елена Јовческа, Влатко Миладиновски, групите Маестрал и Модус и многу други музички гости ќе бидат дел од прославата на Сековски, чија менаџерска кариера започнала сосема случајно, а зад него се успешни организации на концерти во Швајцарија на Тоше Проески, Дуле и Коки, Врчак, Слаткар, ДНК, Елена Ристеска, Каролина Гочева, Тони Зен, Владо Јаневски…

Како што неодамна раскажа за „Фокус“, тој уште како младо момче во деведесеттите години на минатиот век работел како водител во радио станица во Прилеп. Сакајќи да привлече повеќе слушатели, започнал да известува во живо од клубови и кафулиња, каде се одржувале избори за мис, концерти, музички натпревари…

Започнал да врши директни преноси од локали за време на забавни случувања, и така започнала неговата врска со естрадата. Потоа се оженил во Швајцарија, некое време имал професија која не била поврзана со естрадата, но бидејќи менаџерството му лежело, започнал соработка со две македонски друштва.

Започнал да носи наши музичари во салите во Швајцарија, а потоа и во клубови и дискотеки.

За Тоше Проески, раскажа дека го донел на настап во Швајцарија уште во времето кога бил релативно нов на естрадата, и газдата на локалот каде требало да пее не верувал дека ќе се продадат сите 1.500 влезници, колку што бил капацитеот на локалот.

Му кажал на Хари дека очекува да се продадат барем 300 влезници. Но, за време на настанот се случила таква масовност, што освен продадените 1.500 влезници, околу 200 гости останале надвор пред клубот.

– Ти веруваше во мене на почеток, затоа и јас верувам во тебе, ми кажуваше Тоше, кому му организирав низа на настапи потоа во Швајцарија. Знам дека со неговата менаџерка Лилјана Петровиќ имаа понуди и од други естрадни менаџери, но тој ми остана верен мене. И секогаш инсистираше да ја делиме заработката на два дела, беше премногу коректен и човечен – се сеќава Сековски.

И пред пет години тој одбележа јубилеј, 20 години менаџирање, но тогаш забавата се одржа во популарната швајцарска дискотека „Палма“. На јубилејот му гостуваа Тајзи, Благоја Грујовски, ДНК, Ирена Спасовска, Елена Велевска, Стојне Николова, Бобан Мојсовски и многу други.

За забавата која ќе се одржи во Прилеп на 25-ти октомври, вели дека е настан кој го очекува со нетрпение и ветува многу музика и интересни содржини.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости