Од промена на фризура до килажа, на Зорица Заева се уште и дишат во врат!

by fokus

Струмичанката Зорица Заева, сопруга на поранешниот премиер Зоран Заев, и покрај тоа што тој повеќе не е на функцијата, сепак е интересна за јавноста.

Нејзини фотографии од разни приватни настани на кои присуствува, редовно се објавуваат во медиумите. Се следат модните промени кај неа, се коментира секоја промена на фризурата, на стилот, па дури и на килажата.

Околу пет месеци по повлекувањето на нејзиниот сопруг од премиерската функција, Заева се уште е под лупа на јавноста, без оглед на тоа дали е забележана на некој приватен настан и во друштво на блиски луѓе кои не се дел од јавниот живот. Голем број на медиуми на некој начин се уште и дишат во врат, не пропуштајќи да објават нејзини фотографии и да го искоментираат нејзиниот изглед, детално да и ја анализираат секоја промена, или пак да известат каде таа се појавила и во чие друштво.

-Ослабната, поправена, посветла или потемна нијанса на коса, пократка фризура, модерен фустан, брендирани штикли – сето тоа е дел од новинарските текстови, кои ја следат со години наназад.

Ретко која сопруга на премиер привлекла толку голем интерес, и покрај тоа што Заева во минатото често изјавуваше дека не сака премногу да се експонира во јавност.

Уште во времето кога нејзиниот сопруг беше градоначалник на Струмица, медиумите во многу наврати пишуваа и за неа. Во времето пред тој да стане премиер, дури беше актуелна и јавна анкета на ПДН (Press Daily News), која дама е попопуларна, дали Зорица Заева, или пак Боркица Груевска, сопругата на тогашниот премиер Никола Груевски. Според објавените резултати, односно според бројот на освоени гласови, Заева беше победничка.

Каде оди на фризер, кои модни дизајнери се грижат за нејзината гардероба, каде летува, како го минува слободното време, беа чести теми и откако Заев стана премиер.

Животната сопатничка на Заев, која во постаро интервју за ,,Фокус” раскажа дека љубовта им се родила кон крајот на средношколските денови, во далечната 1995 година. Заедно се цели 28 години и родители се на ќерката Александра и синот Душко.

За разлика од Заева, јавноста дури и не знае како изгледа сопругата на сегашниот премиер Димитар Ковачевски. Кога станува збор за сопругите на премиерите на Македонија, во минатото како доста интересни за јавноста беа и Снежана Георгиевска, сопруга на Љубчо Георгиевски, како и Боркица, сопругата на Груевски, од која сепак, освен заедничките појавувања заедно со Груевски, повеќе од девет години јавноста немаше можност да слушне било каква изјава, поврзана со приватниот живот, или пак со актуелните општествени настани.

Сопругите на поранешните премиери Никола Кљусев, Бранко Црвенковски и Владо Бучковски, исто така многу ретко беа застапени во медиумите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости