Популарниот хрватски поп пејач Владо Калембер има нова песна зад која се потпишуваат македонските автори Григор Копров – музика, Владимир Дојчиновски – аранжман, а текстот е на Саша Драгиќ. Песната е насловена ,,У љубави смо краљеви и просјаци” и од денес е пуштена во етерот, а наскоро е најавена и промоција на верзија на македонски јазик на истата.
Ова е прва заедничка соработка на авторскиот тим на песната, но не и прва помеѓу композиторот Копров и Калембер. Нивната професионална соработа започна во далечната 1988 година, кога Копров ја напиша песната ,,Добра ноќ заљубени” со која Владо настапи на ,,Макфест” во Штип.
Велат дека професионалната соработка со тек на годините им прераснала во големо пријателство, и Калембер е чест гостин во Македонија, кој зад себе има бројни настапи на фестивалот ,,Охридски трубадури” зад кој стои Копров.
Инаку, Калембер кој пред повеќе децении стана популарен во поранешна Југославија, како дел од групата ,,Сребрени крилја”, е роден во Македонија.
Во интервју за ,,Фокус” од пред неколку години, кога учествуваше на ,,Охридски трубадури”, тој раскажа дека бил роден во Струмица. Неговиот татко бил воено лице и патувал насекаде низ поранешна Југославија, а кога имал два месеца, со родителите од Струмица се преселиле во Загреб.
Не криеше дека Македонија отсекогаш ја сметал за втора татковина, а пријателството со Копров за едно од оние пријателства кое одолева на далечината и времето, па секоја нова средба им била исполнета со интересни теми од естрадата и приватниот живот.
За новата песна, наскоро ќе биде снимен и видео запис. Велат дека е моќна композиција која го претставува Владо во ново светло, а искуството и животот направиле созреаните чувства во кои тој се пронаоѓал да звучат прекрасно.
Вики Клинчарова