За три дена, односно во недела на шести октомври во Скопје ќе се одржи јубилејниот 20-ти Виз Ер Скопски маратон.
Се очекува на стартот да се појават 13.440 натпреварувачи од 55 земји, а организацијата добивала помош дури од 600 волонтери.
Исто така, годинава имало приближен број на женски и машки учесници, односно околу 48 проценти биле жени, а 52 проценти мажи.
-Оваа година е јубилејно 20-то издание, првите две изданија беа одржани во 1997 и 1998, но од 2007 година се возобнови Скопскиот маратон, тогаш како полумаратон, трка на 5 км и детска трка, каде што имавме околу 700 натпреварувачи.
Низ годините, Сојузот на спортови на Скопје, поддржуван од Јавните претпријатија и од тогашната Агенција за млади и спорт и Делгацијата на ЕУ помогнаа да се подигне рекреацијата и масовното трчање на едно високо ниво.
Оваа година имаме 13.440 натпреварувачи, при што за прв пат имаме приближен број на женски и машки учесници, односно околу 48 проценти се жени, а околу 52 отсто се мажи. Ова е глобален проблем, но Сојузот на спортови на Скопје преку своите програми успеа да мотивира да се пријават повеќе жени и да има повеќе учесници од повеќе старосни категории.
Покрај рекреативниот карактер на манифестацијата, со текот на годините се натпреваруваа и врвни маратонци, а имавме дури и учесник на Олимписките игри во маратонската дисциплина, вели Гордана Николовска – Кузмановска од Сојуз на Спортови – Скопје.
Порача дека се радува што имамат голема поддршка од медиумите и дури 60 проценти од спорстките новинари биле директни учесници во маратонските и полумаратонските трки.
-Посакувам и оваа година да видиме што поголем број новинари на стартот на трките. Исто така, ги повикувам сите оние што не се во можност да трчаат годинава, да се појават долж патеката и да ги бодрат натпреварувачите, истакна Гордана Николовска – Кузмановска.
Главен покровител на Виз Ер Скопски маратон 2024 е Министерството за спорт, а покровители се Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Вики Клинчарова