Познатото музичко дуо, Кате и Трајче – Соната од Велес, по осмунаесет години врска и заеднички живот, за време на викендот се венчаа.
Катерина Брезева и Трајче Бондиков се познати во јавноста по редовните настапи во локали низ целата земја. Важат за пар кому и покрај тоа што е дел од естрадата околу две децении, скромноста му е главна карактеристика. За време на настапите се професионални, имаат богат репертоар, па затоа и се чести гости на разни приватни веселби.
За ,,Фокус” велат дека венчавката ја планирале долг период, и покрај тоа што со години наназад живееле заедно, но едноставно, поради честите работни обврски, ја одлагале и ја поместувале за некое помирно време.
-Цели осумнаесет години сме заедно, ама без документ – се смее Кате – бидејќи немаше време за нас. Постојано со настапи, им ги развеселувавме свадбите на луѓето, а нашиот приватен живот на некој начин го запоставивме. Но, велиме дека така требало да биде, никогаш не е доцна. Знаеме да кажеме дека сме жртви на работата, но истовремено уживаме во нашата работа – раскажува убавата велешанка.
Тие го очекуваат раѓањето на своето прво дете наредниот месец, и велат дека се радуваат што ќе добијат девојче.
-Чекаме ќерка, ова ни е преубав период во животот. Моментално сме окупирани со настапите, немаме планови за нови проекти и снимања, полека се подготвуваме за новата улога во животот – родители. Се надевам дека се ќе помине во најдобар ред, а потоа, здравје Боже, продолжуваме со настапите – ни изјави Кате.
Вики Клинчарова