Ристе Гиовски (54), големиот пријател на кучињата, сопственик на пансионот ,,Гиовски тим” каде згрижуваше голем број на бездомни кучиња, и еден од најпознатите дресери во земјава, ја изгуби битката со корона вирусот. Тој починал од последици на вирусот, но извесен период се бореше и со рак на желудник, за кој пред две години раскажа дека го победил.
Велешанецот, кој беше дресер на шарпланинката Стела, главниот лик во истоимениот наградуван игран филм за деца, пред девет дена објави дека се инфицирал со Ковид-19 и е хоспитализиран во ковид одделот во велешката болница.
Тогаш им порача на сите кои не веруваат во вирусот и кои упорно тврдат дека се работи за измислена пандемија, да повелат во болницата и да видат со што се соочуваат пациентите, но и медицинскиот персонал кој се грижи за нив.
-Се препотуваме неколку пати на ден, не болат коските, мускулите, половината, главата, понекогаш повраќаме, имаме висока температура и ставаме маски за кислород. Дојдете во ковид центарот да ги запознаете, како што ги нарекувате ,,космонаутите и убијците” да видете како трчаат насекаде по собите! Ако викнеш – Сестро, веднаш доаѓаат, не може да слушнеш -Пауза, или да ги видиш како пијат кафе. А кога ќе дојдат да ни стават инфузија, ќе слушнеш дека едвај дишат под скафандерите, дури полошо од нас, заболените! За сите кои не верувате во ковид, дојдете да видите како ,,убијците” не лечат, а ние си лежиме, оти друга работа немаме – јавно им порача познатиот кинолог на скептиците, кои од почетокот на пандемијата тврдат дека корона вирусот не постои, само девет дена пред да почине на Инфективното одделение во велешката болница.
Јавноста се простува од него на социјалните мрежи, сеќавајќи се на неговата посветеност и љубов кон животните.
-Кучињата се вечно деца, кои не ја познаваат омразата. Даваат се, а не бараат ништо за возврат. Те разбираат без да им прозбориш додека те гледаат со очите, во кои им се гледа душата – знаеше да каже Гиовски.
Во неговото последно интервју за ,,Фокус” пак, кое го објавивме пред четири месеци, јавно обелодени дека во Општина Велес, каде тој три години беше задолжен за заловување и стручен третман на бездомни кучиња, актуелна е појавата кога граѓани се самоповредуваат и лажно пријавуваат дека ги нападнало улично куче, за да добијат спогодбена оштета од општината, која изнесувала 50.000 денари.
Поради тие случаи, лани општината исплатила дури 2.673.481 денари, а пак во 2019 година биле исплатени 2.266.014 денари, откри Гиовски во април, кога покрај другото раскажа и дека третирал над 400 кучиња, и секогаш бил поборник против нивна еутаназија и се трудел да се најде начин животното да се спаси доколку е болно или пак со дресура и многу љубов, да ја победи агресијата.
Вики Клинчарова