Од понеделник нова пратка лични карти, ќе се забрза издавањето

by Fokus

По реакцијата на повеќе граѓани дека предолго чекаат за издавање лични документи од Министерството за внатрешни работи потврдија дека процесот се одвива забавено, но дека од 20 јануари, понеделник се очекува новата пратка на лични документи.

– Согласно спроведената постапка склучена е Рамковната спогодба на 05.12.2019 како и Договор нарачка на 11.12.2019  склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Veridos GmBH Berlin – Германија за испорака на обрасци за  лични документи. Конкретно за испораката на лични карти прва испорака е во понеделник на 20.01.2020 а потоа следат континуирани испораки од сите обрасци на лични документи. Од овие причини во периодов издавањето на лични документи се одвива со забавено темпо но согласно Законот за лични карти и подзаконските прописи и по секое поднесено барање се постапува согласно законот, велат за „Фокус“ за МВР.

Според информацијата, постапката за набавка и испорака на постојни видови на обрасци за лични документи (патни исправи, лични карти, возачки дозволи, службен пасош, дипломатски пасош, пасош за странец, дозвола за привремен престој, дозвола за постојан престој) и набавка и испорака на нови видови на обрасци за лични документи со овој договор ќе бидат обезбедени за период од 01.01.2020 до 31.12.2021 година (со имплементирање на измените предвидени во Законот за употреба на јазиците и Уставните измени).

С.Т.

Поврзани новости