Министерството за здравство информира дека од понеделник во скопските поликлиники „Јане Сандански“, „Бит Пазар“ и „Драчево“, пациентите ќе можат да направат лабораториски анализи со проверување на вредностите на Д-димерите и ЦРП.
Овие анализи се важни во следењето на здравствената состојба на ковид пациентите. Во трите поликлиники, од следната недела ќе има посебен план, лицата кои треба да ја направат потребната лабораториска анализа ќе доаѓаат во термини кои ќе бидат наменети само за нив за да не бидат во контакт со останатите пациенти.
„Со овој начин им олеснуваме како на матичните лекари, така и на пациентите да не мора да одат во ковид центрите и болничките установи за да ги направат потребните анализи. Партиципацијата за ваквата здравствена услуга ќе се наплаќа по ценовникот за здравствени услуги на Фондот за здравствено осигурување“, изјави директорот на Здравствен Дом Скопје, д-р Виктор Исјановски.
Поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит Пазар“ и „Драчево“ се подготвени со биохемиска апаратура и реагенси за изработка на бараната здравствена услуга.