Од понеделник, 11 октомври, македонските државјани ќе можат да патуваат во Велика Британија без да мора да поминат 10 дена во карантин при влез во земјата и без да прават две тестирања во тој период.
Северна Македонија е на листата на 47 земји кои се опфатени со ова олеснување на британската влада.
-Ако пристигнете во Англија пред тој датум, мора да ги следите правилата за луѓе што не се целосно вакцинирани. Ако пристигнете потоа, можете да користите сертификат за вакцина за да го докажете статусот за вакцинација, се вели во објаснувањето објавено на страницата на британската влада за правилата за патување во услови на ковид-пандемија.
По оваа одлука, само седум земји ќе останат на списокот на земји од кои патниците ќе мора да одат во карантин на сопствен трошок.
Меѓу земјите што ќе бидат отстранети од листата е и Црна Гора, Авганистан, Мексико, Јужна Африка, Аргентина, Боливија, Бразил и други.
Патниците од Панама, Колумбија, Венецуела, Перу, Еквадор, Хаити и Доминиканската Република, сепак, ќе треба да бидат изолирани.
Досега патниците од земјите кои се опфатени со олеснувањето можеа да патуваат во Велика Британија, но беа означени како нецелосно вакцинирани и за нив важеа правилата: уплата за две тестирања за ковид-19 на вториот и осмиот ден од пристигнувањето и карантин од 10 дена.
За целосно вакцинирани во Британија се сметаат лица што се вакцинирани со две дози од вакцините кои се признаени во оваа земја: „Астра Зенека“, „Фајзер“, „Модерна“.