Од поддршка до протест: Актерите го кренаа гласот за директорите!

Вработените во неколку театри периодов реагираа во однос на одлуки поврзани со нивните директори.

by Fokus

Во текот на вчерашниот ден, Нора Шаќири беше разрешена од функцијата в.д. директор на Театар Комедија, а на нејзино место е поставена Магдалена Ризова-Черних.

Оваа одлука, донесена по извештај на Државен инспекторат за труд, во никој случај не им се допадна на вработените во културната институција, кои вчера го кренаа гласот против ваквото решение.

„Кога Театарот беше на колена, во долгови, без основни услови за работа и нарушени меѓучовечки односи, в.д. директорката што сега ја разрешува министерството за култура успеа да реши дел од овие проблеми и да го врати театарот на вистински пат. Па, се појавува прашањето дали некој со интенција сака да го сруши театар Комедија и да го врати во агонија, во која што беше пред да се постави Нора Шаќири за в.д директор“ вели актерката Жаклина Петровска.

Шаќири во изјава за „Фокус“ истакна дека денешното разрешување било изненадување за неа, со оглед на тоа што не направила ништо незаконски за време на нејзиното раководење со Театарот.

„Во времето додека бев директор го вратив долгот на театарот од скоро 9.000.000 денари, потоа продолжи репертоарот, дадовме две премиери, трета на пат. Исто така, организиравме два фестивали и учествуваме на неколку други.  Потпишав и Меморандум за соработка со еден од најголемите театри во Киев. Намерата е јасна и ова ќе добие и судска нота“вели Шаќири.

Од друга страна, актерите од театрите во Струмица и Штип пред извесно време го кренаа гласот поради нивните директори и бараа нивно разрешување, потенцирајќи дека се несоодветни за таа функција и дека се врши мобинг врз вработените.

Уште на почетокот на оваа година, во февруари, струмичките актери протестираа затоа што Министерството за култура не можеше да го поништи изборот на директор во НУК „Антон Панов“, кој по професија бил професор по физичка култура.

Штипските актери пак, кои протестираа на почетокот на овој месец, обвинија дека се соочуваат со мобинг од директорот Горан Трајков и тогаш побараа негово разрешување.

„Вработените уметници од Театарот Штип се соочуваат со невидено кршење на работничките односи. Изложени сме на притисоци, закани, мобинг, откази. За седум месеци, имаме дебело досие за нарушени меѓучовечки односи. Седум месец владее тотален хаос“, изјави тогаш актерот Владимир Тулиев, попознат како Дончо од „Преспав“, кој во август месец доби отказ од неговиот матичен театар.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости