Од петок, 23 февруари, во сите подрачни одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК) и пред надлежните нотари почнува рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и кандидати за пратеници, а согласно роковниците собирањето потписи ќе трае до 8 март.
„Собирањето потписи се одвива пред сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари, за тоа и кон ова појаснување ќе бидат објавени и адресите на подрачните одделенија на ДИК пред кој се собираат потписите. Постапката почнува на 23 и трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени. Наутро од 8 часот до навечер до 20 часот, додека последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот“, соопшти членот на ДИК, Борис Кондарко.
Тој појасни дека иницијативата за собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател и пратеници, се поведува со поднесување на известување и изјава на ДИК од страна на предложениот кандидат односно лицето овластено од негова страна со генерално известување заверено на нотар. Потребните документи ќе бидат објавени на веб-страницата на ДИК и сите заинтересирани ќе можат од таму да ги симнат.
На денешната седница Државната изборна комисија усвои Правилник за собирање на потписи којшто денеска ќе биде објавен на веб-страницата на Комисијата. Покрај овој усвоен е и Правилник за постапување на полицијата за време на спроведување на изборите.
Претседателот на Комисијата, Александар Даштевски, истакна дека се работи за истиот Правилник од изборите во 2021 година.