Од ОЈО ГОКК велат дека барале затворски, а не куќен притвор за Асмир Јахоски

by Fokus

Сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, од вчера е во куќен притвор откако судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје одлучил да не го прифати предлогот на ОЈО ГОКК за определување на мерка затворски притвор, информираат денеска од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Оттаму велат дека Основниот кривичен суд Скопје ги доставил решенијата на судијата на претходна постапка со кои за четворица осомничени е прифатен предлогот на обвинителството и им е определена мерка затворски притвор, додека за едно лице осомничено за кривично дело перење пари и други приноси предлогот на Обвинителството за определување на мерка притвор не е прифатен и е определена мерка куќен притвор.

Во образложението на решението, како што додаваат од ОЈО ГОКК, е наведено дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на Обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот.

„…Односно дека тој со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација“, велат од ОЈО ГОКК повикувајќи се на решението.

Од ОЈО ГОКК велат дека сите овие околности, како што е истакнато во решението на судијата, одат во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство.

„Така, судијата на претходна постапка, не прифаќајќи го предлогот на Обвинителството, одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање патна исправа и забрана за издавање нова патна исправа“, додаваат од Обвинителството.

 

Поврзани новости