Иако лани во декември од јавниот сервис МРТ ја информираа јавноста дека Македонија втора година по ред нема да учествува на Евровизија, поради економски причини, сепак, првичниот план очигледно им бил поинаков. Како што објави вчера поп пејачката Андријана Јаневска, лани таа била контактирана од тимот на МРТ, и добила покана да ја претставува земјата на музичкиот настан.
Ја одбила понудата, бидејќи немала повеќе 20 години и кариера во подем, а откако го проследила изданието на Евровизија 2024, уште повеќе се уверила дека донела правилна одлука што одбила учество.
-Минатата година, тимот на МТВ ме покани да ја претставувам Македонија на Евровизија 2024 во Малме. Им одговорив дека со задоволство ќе прифатев да беше 2000 година, кога се натпреварував со „Твоето писмо моја библија” или 2001 година кога на Скопскиот фестивал победив со „Носталгија”. Тогаш имав 20 години, кариерата ми беше во подем и имав желба да направам нешто за Македонија.
Исто така, тоа беа времиња кога Евровизија сè уште важеше за некаков културно-уметнички натпревар помеѓу народите и кога секоја земја се натпреваруваше со песна на својот јазик.
Денес имам 42 години и се чувствувам исполнето, среќно и остварено на приватен и професионален план. Што се однесува до мојата желба да направам нешто за Македонија, тоа го направив преку докторскиот труд на кој работев девет години, со кој успеав да заштитам над 150 македонски народни песни во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, кои соседните држави претходно суптилно, а во последен период јавно почнаа да ги претставуваат како свои.
Благодарност до МТВ за укажаната можност, но, после ова издание на Евровизија, сметам дека донесов правилна одлука-истакна Јаневска.
Инаку, 68-то издание на Евровизија помина во знакот на скандалозни и невкусни сценски настапи на голем број на изведувачи. Поради тоа манифестацијата се најде на мета на критики од јавноста, опишана како шоу на кое се промовираат вулгаризам, сатанизам и разврат, и дека не останало ништо од гламурот, елеганцијата и квалитетната музика, кои беа знак за распознавање на Евровизија.
Од МРТ пак, минатата година воопшто не информираа дека имале план за учество и дека ја поканиле Јаневска да ја претставува земјата. Во декември единствено објавија соопштение во кое појаснуваа дека јавниот сервис со сите свои капацитети ќе се фокусира на одбележување на големиот јубилеј, 80 години Македонско Радио и 60 години Македонска Телевизија. Активностите за одбележување на големиот јубилеј ќе се одвивале во текот на целата 2024 година.
По завршувањето на Евровизија, во саботата, голем дел од граѓаните на социјалните мрежи јавно ја поддржаа одлуката да не се учествува, опишувајќи го настанот како удар врз вистинските животни вредности.
Вики Клинчарова