Зорица Велковска, една од ретките жени хармоникаши во земјава, починала вчера на 52-годишна возраст во нејзиниот дом во Велес.
Таа била погребана денес, а нејзините колеги во неверување од лошата вест, со неа се простуваат на социјалните мрежи.
Смртта на Зорица е голем удар за сите, бидејќи никој не претчувствувал дека може да се случи ваква трагедија, затоа што никогаш не се жалела на здравствени проблеми, до последно била расположена и позитивна.
Фолк пејачката Ани Малинкова, со Зорица која е по потекло од Марена, Кавадарци, другарувале уште од деца, за ,,Фокус” вели дека веста ја оставила без зборови. Неодамна се слушнале, постојано биле во контакт, и ништо не наговестувало дека со нејзиното здравје нешто не е во ред.
-Многу сум тажна… И се слошило дома, во купатило, доживеала мозочен удар. Предоцна било за било што, не можела да се спаси. Не можам да сфатам, беше толку полна со живот, постојано и беше хармониката во рака, од дете свиреше. Имавме заеднички репертоар, таа свиреше, јас пеев.
Секогаш мила, расположена… Зад себе го остави сопругот и двата сина на возраст од 22 и 18 години, имаа убав живот во Велес. Голем удар е ова за цела естрада, сите ја знаеа, со сите беше секогаш љубезна, голем професионалец – ни изјави Малинкова.
Зорица започнала да се дружи со хармониката уште како дете. Потекнува од музичко семејство, татко и и брат и биле хармоникаши, вујко и свирел кларинет. Иако многумина ја уверувале дека хармониката е машки инструмент, немала проблем и по два часа за време на настап да ја држи околу 15 килограми тешката хармоника.
Свиреше на хармоника со копчиња и клавијатура, и беше дел од многу културни друштва и ансамбли. Не криеше дека хармониката е нејзиниот живот, и беше првата жена хармоникаш во земјава која ги рушеше бариерите и предрасудите дека постојат женски и машки инструменти.
Вики Клинчарова